Култура
В среда во Битола почнува 18. издание на балканскиот етнофјужн-фестивал „Локум фест – музика и традиција 2024“
Пред утрешниот почетокот на 18-тото издание на балканскиот етнофјужн-фестивал „Локум фест – музика и традиција 2024“, организаторот на фестивалот известува за промена на сценските локации.
Имено, поради технички причини, целокупната програма на фестивалот ќе се реализира на платото на Офицерскиот дом – КИЦ Битола. Настапот на канадската група Dumai Dunai останува во „Везилка“/Vezilka.
Ве очекуваме заедно со манастирскиот локум да ја прославиме традиција.
Со концертниот настап на македонскиот гитарист Мухамед Ибрахими на платото на Офицерскиот дом – КИЦ Битола, на 17 јули, со почеток во 20.30 ч, почнува 18-тото издание на балканскиот етно-фјужн-фестивал „Локум фест – музика и традиција 2024“.
Овој фестивал е единствен од ваков тип во земјата, а поради неговата автентичност и континуитет, препознатлив е како на регионално така и на европско ниво. „Локум фест“ е член на неколку професионални фестивалски асоцијации, меѓу која и европската Most music.
Фестивалот својот зародок го има во старата битолска чаршија, од каде што и ја црпи инспирацијата, од локумот и кафето како синоним за средба на културите и негува концепт на промовирање музички стилови од традиционална староградска музика, до ладино, етнофјужн и world music.
Во изминатите седумнаесет години на „Локум фест“ настапиле над 100 музички ансамбли од над 25 земји од регионот и светот.
На сцената во старата чаршија, Офицерскиот дом, Заводот и Музеј, Хераклеја, Широк сокак, настапувале речиси сите релевантни музички имиња од Македонија, како: Баклава, Чалгија саудн систем, Љубојна, Монистра, Тони Китановски и Черкези оркестар, Зоран Џорлев, Стевче Стојковски, Даутовски, Вања Лазарова итн. Карактеристично за „Локум фест“ е што користи културно-историски локации како отворени сценски простори, истовремено промовирајќи ги како културно-туристички атрибут.
Фестивалот припаѓа на групата heritage festivals промовирајќи живо културно наследство како дел од колективната меморија. Изминатите години беа оддржани 17 саеми на креативна индустрија со ЗУР „Македонски ракотворби“, како и изложби на раритети од семејни колекции и од Државниот архив на Македонија – одделение Битола. Годинава, фестивалот го одбележува своето полнолетство, а програмата е умесно конципирана со музички настани, кои во себе кријат амалгам на култури и влијанија типични за регионот и овој дел на Европа, велат организатприте.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
„Охридско лето“ добитник на престижна та меѓународна награда „Да за уметноста“
Националната установа „Охридско лето“ е добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул, Република Турција како признание за високо-квалитетната програма на 65. издание на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација.
Со оваа награда „Охридско лето“ уште еднаш ја оправда својата репутација како центар на врвната уметност, со програма која ја обедини класичната музика, театарот и современите уметнички форми.
„Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ „Охридско лето“, фестивалот првпат е добитник на оваа престижна меѓународна награда. Ова признание не го доживувам како личен успех, туку како резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа“, вели директорот Ѓорѓи Цуцковски.
Цуцковски вели дека наградите се мотив во иднина уште повеќе да се инвестира во содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но и да се даде простор за најдобрите домашни уметници.
„Нашата цел е секое издание на „Охридско лето“ да понуди внимателно концепирана, балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија кои ги добиваме од меѓународните институции со цел да ја оправдаме довербата на публиката и меѓународната културна јавност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

