Култура
Во Турција објавен осврт кон најновиот роман на Томислав Османли
На еден од најреспективните турски литературни портали “К24”, сестрано е претставена најновата книга на македонскиот автор Томислав Османли, романот “Столб што пее”.
Овој роман со антивоена тема, инаку, беше екстра финалист на неодамнешниот конкурс за роман на годината во конечна конкуренција (со гласање на жирито 3:2) со наградениот роман на акад. В. Урошевиќ. Освен тоа најновата прозна книга на Османли доби и повеќе изразито позитивни критики и рецензии од нашите најистакнати книжевно-теоретски пера и критичари. Една од нив неодамна е објавена во Турција на чиешто тло, инаку, се случува добар дел дел од дејствието на романот со севременски и повеќепросторен опфат. Имено, во превод од англиски на м-р Сема Ватансевер, турска книжевна критичарка, проследен со богата графичка опрема, објавен е опсежниот осврт на нашиот писател, критичар, уредник и издавач Глигор Стојковски – насловен “За романот Столб што пее на Томислав Османли”.
Во него, меѓу другото , турските книжевно квалификувани читатели читаат:
” ‘Столб што пее ‘ е комплексен роман со длабоки актуелни значења во кои се преплетуваат најразлични лични приказни проследени со со миротворни филозофски, религиозни и други општествени пристапи, учења и догми…изразувајќи ги трагичните разлики меѓу нив и самата деструктивна суштина на човековата историја…”
Инаку, ова не е и единствениот израз на најновите книжевни интересирања за овој современ македонски роман. Тој го привлече вниманието на грчкиот издавач Literatus од Солун кој е заинтересиран за неговото објавување и на грчки јазик. Подеднакво пројавено е сериозно интересирање и на реномирано српско книгоиздателство што веќе има објавено прозна книга на Томислав Османли, за преводи и објавувања и во овие престижни литературни средини.
Со објавата на освртот за “Столб што пее” во турското литературно списание “К24” отворен е патот и за интересот на тамошните издавачки куќи за уште една објава на дело од македонскиот автор во таа книжевна средина. Пред неколку години истанбулското книгоиздателство Biblyon во превод на Мехмед Јонус, го објави романот “Зад аголот” на Томислав Османли. Во меѓувреме и турскиот портал Kritikbu објави неколку раскази од истиот автор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

