Култура
„Врба“ на Манчевски го отвора Филмскиот фестивал во Кјото, Јапонија
Филмот „Врба“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски на 22 јануари ќе го отвори 13. меѓународeн Филмски фестивал „Историка“ во Кјото, Јапонија. Манчевски ќе биде виртуелен гостин на фестивалот и по проекцијата на филмот ќe учествува онлајн во дискусијата со публиката.
Јапонскиот фестивал „Историка“ е уникатен во светот поради тоа што во фокусот има филмови со историска тематика. Мотото на фестивалот е „Поврзување со иднината преку историски филмови“, a седиштетото е во филмските компании „Тоеи“ и „Шошику“, прославени по самурајските филмови. Фестивалот секоја година прикажува нови историски филмови од целиот свет, а како што вели директорот Кен Такахаши, годинава избрал да го отвори со „величествениот филм ‘Врба’“.
Речиси две и пол години по светската премиера во октомври 2019 на Римскиот фестивал, „Врба“ продолжува со интензивен фестивалски живот. Досега освои вкупно тринаесет трофеи, меѓу кои и за најдобра режија на „Реинденс“ во Лондон, најдобар филм на „Синеквест“ во Калифорнија, „Сребрена палма“ во Валенсија…
Минатиот месец „Врба“ освои вкупно 7 трофеи – три награди и четири почесни признанија, а имаше и грчка и француска премиера на Маратонскиот филмски фестивал во Атина и на „Европа околу Европа“ (L’Europe Autour de l’Europe) во Париз. Филмот беше прогласен за најдобар филм на Маратонскиот филмски фестивал во Атина, a aктерката Наталија Теодосиева беше наградена за најдобра споредна женска улога. Во Атина доби и уште четири почесни признанија – за Милчо Манчевски како најдобар режисер, за најдобра споредна улога на актерката Сара Климоска, за најдобар кинематографер Тамаш Добош и за најдобар филм во избор на публиката. Теодосиева беше добитничка и на наградата за најдобра главна женска улога во „Врба“ на фестивалот на независен филм „Околу глобусот“ (Across the Globe Film Festival) во Њујорк.
„Врба“ собори рекорди во кино и ТВ-прикажувањето дома, забележа извонредни критики во светските медиуми („суптилен и длабок“ – „Варајати“), се прикажа на четириесетина фестивали на четири континенти, беше вброен и во потесниот избор за наградите на Европската филмска академија и е еден од малкуте европски филмови со редовна дистрибуција во САД.
Најновиот, седми филм на Манчевски, „Кајмак“, кој се снимаше лани во Скопје и околината, е во постпродукција и се очекува годинава да има премиера. Продуцентската куќа „Банана филм“ го најавува „Кајмак“ како безобразна комедија и безмилосна критика на лицемерството и малограѓанштината, црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот.
„Кајмак“ е европска копродукција во која 54 проценти од буџетот го финансираат филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд „Еуримаж“, а 46 проценти се од Македонија – од Агенцијата за филм и Македонската радио-телевизија (МРТ), која е копродуцент. Во меѓународната екипа беа вклучени филмски работници од Македонија, Англија, Италија, Данска, Холандија, Србија, Бугарија и од Хрватска. Копродуценти се Мета Луиз Фолдагер, Мете Борч, Елс Вандеворст, Изабел Депевег и Синиша Јуричиќ. Продуцент е Јане Ќортошев, извршен продуцент е Ијан Прајор директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, дизајнер на шминка Марио Микисанти, музика „Дениш стринг квартет“, монтажа Емил Нунинга, а костимограф Жаклина Крстевска. Во главните улоги се Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

