концерти
Врвниот контрабасист Рено Гарсија Фонс во Филхармонија
Врвниот француски контрабасист Рено Гарсија Фонс в четврток во 20 часот ќе настапи како солист со оркестарот на Филхармонија.
Пред македонската публика овој исклучителен басист ќе се претстави со свои композиции. На програмата на овој концерт се и Суитите 1 и 2 од балетот „Дафнис и Клое“ од Морис Равел. Со оркестарот на Филхармонија ќе диригира Џијан Емин.
По работата во врвни француски симфониски оркестри, Рено Гарсија Фонс во 1990-тите се одлучува за солистичка кариера. Тој разви свој музички јазик и стил со кој на автентичен начин го еманципира инструментот на кој свири. Контрабасот во рацете на Фонс звучи како шпанска гитара, африканска бас лаута, како виола или персиска виолина. Станува збор за врвен инструменталист со каталонско потекло, и од таму всушност потекнува неговиот интерес кон шпанската и ориенталната култура.
„Оригинално контрабасот бил создаден да ја интензивира басовата линија во оркестарот и бил чисто функционален инструмент. Потребни беа повеќе векови овој инструмент да излезе од овие рамки, благодарение на пионерските дела и истражувањата со кои почна да се развива техниката, репертоарот, прво романтичниот, а потоа и во џезот и современата музика. Поради тоа, навистина репертоарот за контрабас е лимитиран. Денеска, посебно преку мојата работа, контрабасот почнува да добива нов статус, на соло инструмент кој е рамноправен со останатите, преку репертоар кој главно е свртен кон т.н. ворлд мјузик, не само кон џезот и класичната музика“, вели овој исклучителен инструменталист.
„Кога ја пишував ‘Дафнис и Клое’ сакав да создадам музичка фреска, не толку архаична, туку повеќе како одраз на мојата верба, мојот сон врзан со Грција. Нешто слично на она што го создаваа француските уметници на крајот од 18 век“, напишал Равел во своите забелешки.
Во „Дафнис и Клое“ Равел употребува светол колорит и прецизно избрана инструментација преку која ја ослободува француската музика од заштитната школка на вагнеризмот. Равел бил инспириран и од индустрискиот звук на фабриките и нивниот пулсирачки ритам може да се почувствува во делови од оваа композиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

