Култура
Врвниот светски електронски музичар Метју Џонсон со настап во живо на „ПМГ рекордингс фестивал 13“
Втората фестивалска вечер на годинешното издание на „ПМГ рекордингс фестивалот“ ќе биде во дансинг-салата во Младинскиот културен центар, оваа сабота, 14 октомври.
Предводена од реномираниот светски електронски музичар Метју Џонсон од Канада, програмата на втората фестивалска вечер ни носи и признати домашни продуценти и диџеи од електронската музичка сцена заедно со надоаѓачки таленти од младата генерација активни во полето на хип-хоп, трап, електронската и поп-музиката.

Метју Џонсон е врвен светски музичар. Уникатен артист, кој е повеќе од 20 години на самиот врв на електронската сцена. Неговата музика ужива култен статус помеѓу љубителите на електронската музика за танц. По настапите на сцените во Белгија, Шпанија, Германија, Италија, Србија, Малта, Англија и Јапонија, само во последните два месеци, оваа сабота ни доаѓа во Скопје со настап во живо на „ПМГ рекордингс фестивалот’. Тој активно работи како автор, продуцент и изведувач од 90-ти години на минатиот век. Во 2000-те Метју има веќе развиен и препознатлив аналоген звук.
Во 2010 го издава својот прв и култен албум Agents of Time по кој следат уште три албуми и бројни синглови, ЕП, ремикси и соработки. Неговата работа е видлива и ценета и во рамките на музичките состави Cobblestone Jazz, Midnight Operator и Modern Deep Left Quartet. Звукот и репутацијата на Метју како уметник континуирано се развива, како што би очекувале за некој толку изразно богат и широко талентиран автор и изведувач. Следствено на тоа, публиката во светот, но и во Македонија, го препознава како уникатен музичар и изведувач, кој на своите концерти и овозможува максимално уживање. За „ПМГ рекордингс“, квалитетот на музиката отсекогаш бил на прво место. Врвниот музички продукт на Метју Џонсон, заедно со големата популарност што ја ужива, е гаранција за настан од светски калибар оваа сабота во Скопје. Несомнено електронски настан на годината во Македонија.

Македонскиот дел од програмата е резервиран главно за млади артисти, што ја потврдува позицијата на „ПМГ рекордингс“ за развој и поддршка на домашната сцена. Пред сè, тука е извонредно талентираниот Young Dadi, кој со својот уникатен бленд на хип-хоп, електроника и поп, моментално е помеѓу најпопуларните млади артисти во земјава. Неговата екипа се состои од младите и перспективни диџеи и продуценти 5R и DIMCHUGA, а во рамките на настапот на нашата млада македонска ѕвезда на вечерта Young Dadi, ќе се приклучи и најмладиот, надежен рапер Vanski. Оваа екипа на талентирани млади музичари ќе ја отвори програмата на втората фестивалска вечер.

Андреја Салпе е несомнено водечки артист на нашата електронска танцова сцена. Неговите последни изданија Metropoli и Relationships го потврдуваат тоа. Еден од најбукираните артисти во последно време, задолжен да ја загрее атмосферата за фантастичниот Метју Џонсон.
Вечерта ќе ја затвори Горан Кан, добро познат артист на македонската електронска сцена. Врвен диск-џокеј, со многу изданија за домашни и странски дискографски куќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

