Култура
Време е за светскиот звук дома: музиката на светот на 14. издание на фестивалот во Битола
Веќе четиринаесет години фестивалот на музика од светот нè весели со најшарената понуда на музика од светот. Жанр кој добива значење во последната деценија и кому му се посветени цели фестивали. Таков е и овој во Битола, кој на две локации годинава ќе понуди музика од разни меридијани, вели организаторот.
Годинешното издание се создава со слоганот „Време е за светскиот звук дома. Дојди откриј нова музика со која организаторот, Центарот за култура од Битола, сака да го привлече вниманието на пошироката публика, особено новите генерации, со цел да ги поттикнат во правец на откривање разни музички традиции, како и кон авторска музика инспирирана од разни културни наследства.
„Од фадо-звуците на брилијантната интернационална ѕвезда, Португалката Јосна Амендоира, која доаѓа со својот бенд на отворањето, преку еден поинаков звук на Балканот споен преку ‘Фонтана’, која негува традиционална македонска музика, збогатена со звуците на Битолскиот камерен оркестар IWConnect и гостите Даница Крстиќ, вокалистка на ‘Балканика’ од Србија, Ангел Демирев на гитара од Бугарија и нашата домашна ѕвезда со светска слава, Џамбо Агушев, на труба, до фузијата на џез и современа музика на ‘Лилит’, разиграниот и сосема свој звук на ‘Фолтин’, до електрониката на белградското ДЏ-дуо Luton & Šćepine Vragolije“, истакна Маја Андоновска-Илијевски на денешниот прес.
Ова е богато поднебје на скриени музички традиции, кои се одржале низ вековите и токму поради тоа богатство, да се донесат врвни музичари од светот со своите локални звуци, е голем предизвик.
„Од традиционален звук, преку музика на артисти што имаат оригинален и необичен пристап на традиционалниот материјал, до време и простор за светска музичка журка, овој фестивал е навистина посебен и за нас е чест што годинава сме во неговата програма. Ветуваме неверојатен спој на балканскиот израз, опоен и движечки со нашите гости во вечерта кога со Камерниот оркестар ќе направиме мала, посебна целина во овие три дена, кои ја слават музиката од светот“, им изјави на новинарите Благојче Трајковски од бендот „Фонтана“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Софија Стојанова – автор на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев
Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица.
Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“, таа го докажа авторството, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева.
„Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
На младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев.
Култура
Кинотеката ја објави програмата за февруари: тивки гласови, силни приказни и филмот како чин на сеќавање
Програмата на Кинотека на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања, кој уште еднаш ја потврдува Кинотеката како простор на мисла, чувствителност и отпор кон заборавот. Ова не е програма што нуди лесна забава, туку покана за длабинско гледање и активно учество во филмот како уметнички и етички чин, велат од Кинотеката.
Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи меѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, помеѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа помеѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. Во истата линија на тивка, но моќна авторска исповед се вклучува и документарецот „Приказната за Сиљан“, филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна.
Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш. Неговата минималистичка естетика, тивки паузи и егзистенцијален хумор повторно нè потсетуваат дека филмот може да биде простор на созерцание, а не само на наративна ефикасност. Џармуш останува еден од ретките автори што доследно ја брани слободата на независниот филм.
Европската селекција ја проширува програмата со филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромериа“ — остварувања што низ различни поетики и жанровски регистри се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет. Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде европскиот авторски филм е најсилен.
Посебно значајна е и програмата за најмладата публика, со избор на квалитетни анимирани филмови за деца, кои не ја потценуваат својата публика. Преку јасна визуелна имагинација и внимателно обликувани приказни, тие носат сериозни пораки за емпатијата, различностите, пријателството и одговорноста — градејќи темели за идни гледачи што ќе умеат да гледаат, а не само да консумираат.
„Февруари 2026 во Кинотеката на Македонија не е само месечна програма, туку јасна изјава за филмот како уметност што мисли, чувствува и памети. Простор каде тишината зборува, а сликите остануваат долго по завршувањето на проекцијата“, велат од таму.
Култура
Македонската композиторка Ана Пандевска на фестивалот „ЕКЛАТ“ во Штутгарт
Македонската композиторка Ана Пандевска ќе учествува на престижниот фестивал за современа музика „ЕКЛАТ“, кој ќе се одржи од 4 до 9 февруари 2026 година во Штутгарт, Германија, со две музички композиции и едно видео во рамки на програмата посветена на современи авторски и уметнички практики.
Двете композиции ќе бидат изведени од реномираниот вокален ансамбл Neue Vocalsolisten Stuttgart, додека видеото е реализирано во соработка со македонската режисерка Анастасија Лазарова Пилинг.
Во програмата се вклучени делата Electroacoustic mantra „From ex YU to EU“ (2022/2023) и „From ex YU to EU – Pass the Word / Clap Game“(2025). Првото дело е засновано на концептот на мантрата како чин на повторување и е инспирирано од долгиот и комплексен процес на европските интеграции на Македонија по распадот на Југославија. Преку вокални и електронски структури, делото ја проблематизира трансформацијата на државниот и идентитетскиот наратив, медиумското и политичкото повторување, како и процесот на промена на името на државата — од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија, до Северна Македонија.
Второто дело, создадено во 2025 година, функционира како иронична кода на првото. Во „Pass the Word / Clap Game“, бирократската и дипломатската комуникација е претставена како игра, во која правилата, ветото и регулативите добиваат апсурдни димензии. Хуморот е свесно употребен како начин на ослободување од акумулираната напнатост, но под површината останува критичката порака за бескрајното чекање, културната адаптација и постојаните надворешни блокади поврзани со уставните, јазичните и идентитетските прашања.
Двете композиции се занимаваат со повторување и трансформација, претставувајќи две емоционални фази на истиот процес — од искрената желба за припадност до свесната иронија по децении продолжена транзиција. Со овие дела, Ана Пандевска поставува прашање:
Како звучи прогресот кога никогаш целосно не пристигнува?
Во поширок контекст, делата ја отвораат и темата за тоа како малите нации комуницираат со големите системи и како индивидуалниот уметнички глас опстојува во политичкиот и институционален шум.

