Култура
Второ издание на изложбата „НарАртива“ во Гевгелија во духот на 150-годишнината од импресионизмот
Изложбата „НарАртива II: 150 години импресионизам“ на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј – Гевгелија, која ќе се отвори на 24.10 (четврток) во 19:00 часот во Галерија Амам, го одбележува јубилејот од одржувањето на првата импресионистичка изложба во париското студио на Гаспар-Феликс Турнашон, легендарниот фотограф познат како Надар во 1874-та година и има за цел да ги изнесе на виделина линиите на поврзување помеѓу визуелното и текстуалното, обезбедувајќи увид во некои од механизмите на комуникација помеѓу овие два облика на индивидуалниот творечки израз.
НарАртива II издание – ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија.jpg
Сатиричната критика на Луј Лерој насловена „Изложба на импресионистите“, а која, безмалку парадоксално и успеала да го етаблира називот на оваа група уметници кои биле под влијание на Клод Моне и неговата „Импресија, изгрејсонце“ (1872), обидувајќи се да исмее недостатоци од гледната точка на Лерој (непотполност, недостаток на финеси итн.), всушност, како да успеала да ја закотви импресионистичката естетика токму во „филозофијата на доловување“ преку субјективното „скицирање“, доловување на минливоста на човековите чувства и во една поопшта смисла, на човечките искуства, што е секако случај и со импресионизмот во литературата, чии траги може да се видат во делата на автори како Вирџинија Вулф, Џозеф Конрад и Хенри Џејмс, кои, создавајќи фрагментирани наративи, ја нагласуваат супериорноста на човечкото искуство во однос на објективните описи.
Оваа интеракција помеѓу надворешните настани и внатрешното искуство уште пред појавата на импресионизмот во визуелните уметности била земена предвид и од симболистите, предводени од Бодлер и Маларме, кои користеле особено живописни слики и атмосфера за да изразат подлабоки, неретко и збунувачки или повеќесмислени значења.
Импресионизмот, како во сликарството, така и во литературата, подразбира отстапување од стандардите на реализмот, централизирајќи се околу минливото, субјективното и сетилното, а импресионистичките и симболистичките дела му овозможуваат на реципиентот да ја истражува сложеноста на видливото, замаглувајќи ја границата помеѓу објективното и субјективното.
На изложбата ќе бидат застапени дела од ликовните уметници: Вангел Срнаков, Владимир Илиевски, Никола Пијанманов, Гоце Илиевски, Љупка Галазка – Василев, Тони Попов, Габриела Стахурска Гошева, Горан Јованов, Миле Ничевски, Иван Кал’чев, Мирјана Крстева Массетти и Дамјан Ѓуров.
Изложбата со настап во духот на книжевниот импресионизам ќе ја отвори Стефчо Стефанов.
Каталогот со изложените дела е достапен тука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

