Култура
Германскиот гитарист Рајхенбах со концерт на Охридско лето
По маестралниот настап на светскиот виолинист Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија со кој свечено беше отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“, музичката програма продолжува вечерва со концерт на Герхард Рајхенбах, еден од водечките германски класични гитаристи.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Рајхенбах дебитира како солист во 1980 година во Дизелдорф, а на интернационалната сцена првпат настапува во 1990 година на Фестивалот за гитара во Волос, Грција. Оттогаш, повеќе од 40 години одржува концерти како солист, со оркестар и на бројни фестивали кои го носат меѓу останатите на сцената на Берлинската филхармонија и во Интернационалната куќа на музиката во Москва.
Репертоарот на овој уметник содржи повеќе од 35 рецитали и бројни концерти за гитара и оркeстар. Неговите транскрипции за гитара на делата на Скарлати, и особено оние на Бах го поставуваат на чело на интерпретаторите на делата на Бах за гитара во светски рамки.
Во последните децении Рајхенбах е особено активен на полето на современата музика за класична гитара изведувајќи дела кои се специјално напишани за него како Балканската соната на Росен Балкански, 12 концертни студии оп. 48 од Бак Волтерс и дела од Атанас Оуркузунов. Покрај концертните активности, тој е професор по гитара, често е дел од жири комисии на натпревари и посветено работи на нови едиции на репертоарот за класична гитара.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светот го одбележува Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, се обрати на настанот по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство, при што ја истакна неговата вредност како духовно богатство на еден народ и сведок за неговиот идентитет и опстојување.
Тој потсети дека за да се заштитат нематеријалните културни вредности од глобализацијата и од брзите општествени промени, УНЕСКО во 2003 година ја усвои Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство нагласувајќи ја неговата важност како основа на културната разновидност.
Минатата година, при одбележувањето на 20-годишниот јубилеј од донесувањето на Конвенцијата, 17 октомври беше прогласен за Меѓународен ден на нематеријалното културно наследство, со што уште еднаш беше потврдена заложбата на државите членки за подигнување на свеста за зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство во меѓународни рамки.
Денеска, кога првпат светот го одбележува овој ден, министерот Љутков ги истакна досегашните искуства на нашата држава: Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО, и тоа: „Четрсе – празнувања на светите четириесет маченици во Штип“ (2013 год.), „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец“ (2014 год.), заедничката апликација на Република Македонија и Република Турција „Пролетна прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на Република Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија „Културни практики поврзани со 1 март“ (2017 год.) на репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријалното културно наследство на човештвото и со впишувањето на „Гласоечко“ – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 г.) на листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита. Тој искажа уверување дека досегашните позитивни искуства и овие впишани нематеријални добра и во иднина ќе бидат предизвик за експертите што го проучуваат нематеријалното културно наследство затоа што тоа ни припаѓа на сите нас, но и на целото човештво.
Настанот, организиран од Комисијата за култура и туризам при Собранието, го отвори претседателката Саранда Имери-Стафаи, а говореа и Антониjо Милошоски, потпретседател на Собранието, Велика Стојкова-Серафимовска, членка на Комисијата за култура и туризам и акредитирана експертка на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, Сулејман Рушити, директор на НУ Гостиварски театар и Ивона Опетческа-Татарчевска, национална координаторка за нематеријално културно наследство.
Култура
Поетот Славе Димоски е добитник на државната награда „23 Октомври“
Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ на седницата одржана на 4 октомври донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2024 година за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес.
Наградата „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста му се доделува на Славе Димоски, поет.
Претседател на Одборот за доделување на наградата „23 Октомври“ е Блаже Миневски.
Наградата ќе му биде врачена на добитникот на 23 октомври 2024 година (среда) во 12 часот во Собранието.
Култура
„Камерни 55“ на фестивалот „Рута“ во Драмски
Третата фестивалска вечер во Драмски е резервирана за гостите од Босна и Херцеговина. Со претставата „Целосно странци“ театарот „Камерни
55“ настапува на фестивалот РУТА.
Темелена на истоимениот филм на италијанскиот режисер Паоло Ѓеновезе ансамблот на Сараевскиот театар ја направи претставата минатата
сезона и веќе се задоволни од одзивот на публиката за оваа репертоарска комедија – истакна на конференцијата за новинари директорот на Камерни 55 Сенад Алихоџиќ. Режијата е на Лајла Каикчија.
Во претставата седуммина пријатели, кои собрани на вечера се дружат носејќи ги своите тајни во мобилните телефони, се плашат со едно мало невнимание, она што го сметаме само наше да не излезе на виделина. Улогите ги играат: Сабит Сејдиновиќ, Ванеса Глоѓо, Албан Укај, Сенад Алихоџиќ, Дина Мушановиќ, Надине Мичиќ и Игор Скварица.
Пандан на гостинската претстава е претставата „Странци“ во продукција на Драмски театар Скопје која веќе седма сезона се игра на
матичната сцена и на многу гостувања и фестивали.
По вечерашнава изведба на претставата се очекува голем интерес на публиката за тркалезната маса на која за двете продукции на претставите
ќе разговараат актерите на претставата „Целосно странци“ на Камерни 55 и домаќините, актерите на „Странци“ од Драмски.