Култура
„Гола месечина“ во Аеродром од 10 до 14 септември, стендап-настапи за многу смеа и забава
Фестивалот на комедијата „Гола месечина“ 11. пат ќе се одржи во општина Аеродром од 10 до 14 септември, а овој пат театарските завеси пред публиката ќе бидат кренати во паркот „Авионче“.
Годинешното издание на фестивалот е во духот на стендап-настапите на познати актери и комичари, кои се веќе докажани и препознатливи уметници кај љубителите на театарската уметност, како и на добрата смеа и забава, кои традиционално се препознатлив знак за „Гола месечина“.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 10 септември, вторник, кога ќе настапат Антонио Ташковски и Никола Тодоровски.
На 11 септември, среда, публиката ќе ужива со настапот на „Импров група“ и неверојатните Наталија Теодосиева, Тони Денковски, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски, а водител на вечерта ќе биде Борјан Стојков.
Потоа, на 12 септември, четврток, за добра забава на публиката ќе се погрижат Мирослав Петковиќ, Чедомир Митевски, Марио Поповиќ и Мишо Димитриевски од „Кабаре Кабает“.
В петок, 13 септември, свој стендап-настап ќе имаат Бојан Велевски и Бојан Кирковски, а на 14 септември фестивалот ќе го затворат познатите Мишо Бабиќ од Србија и Марјан Ѓорѓиевски.
Настапите почнуваат во 20 часот, а влезот е бесплатен и неограничен за сите граѓани.
Општина Аеродром и НУ „Театар Комедија“ ве покануваат на уште едно незаборавно дружење и меѓусебно ширење на позитивна енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

