Култура
Грчките конзерватори со позитивни впечатоции по посетата на Курбиново, Хераклеја, на Охрид
Во изминатите три дена, во работна посета на Република Северна Македонија, присуствуваа Флора Карагиани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и Мариа Мерзани, директорка на Управата за конзервација на антички и современи споменици од Република Грција.
За време на посетата експертите од Р.Грција со директорот на НУ „Завод и музеј“ – Прилеп, Благој Атанасовски го посетија манастирот Трескавец.
Нивната работна посета продолжи во Преспа каде со директорката на НУ „Завод и музеј“ – Битола, Мери Стојанова и надлежните конзерватори, ги посетија црквата „Св. Илија“ во с. Грнчари и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.
Во Курбиново се дискутираше за досега преземените зафати во доменот на конзервацијата на архитектурата на цркавата и за активностите кои следат, како и за проектот кој претстои- конзервација на ѕидното сликарство.
За време на посетата, експертите од Грција го изразија својот позитивен впечаток за стручниот пристап во реализацијата на досегашните активности.
Работната посета продолжи со посетета на археолошкиот локалитете Хераклеја Линкестис, каде Мери Стојанова имаше можност да продискутира за значењето на локалитетот, но и за активностите кои се преземаат во рамките на проектот за инфраструктурно унапредување на Хераклеја, во програмата за прекугранична соработка со Р. Албанија, „SMART-CUL-TOUR“, како и проектот за конзервација на архитектурата и мозаиците во Хераклеја.
Работната посета продолжи со посета на Охрид, каде гостите имаа можност да се запознаат со историјата и актуелните програмски активности во Галеријата на икони, „Св. Богородица Перивлепта“ и „Св. Софија“.
Посетата на Флора Карагиани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и Мариа Мерзани, директорка на Управата за конзервација на антички и современи споменици од Република Грција започна пред три дена во Скопје со посета на Археолошкиот музеј и средба со министерката за култура, Ирена Стефоска. На средбата, меѓу другото, беше иницирано и потпишување меморандум за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и беше изразена подготвеност за конкретна соработка помеѓу двете пријателски земји со особен фокус на конзервација и реставрација на византиското наследство, обука на стручни кадри за заштита, како и академска соработка и изработка на трудови. На средбата беше договорено дека соработката ќе се формализира оваа пролет, а некои од заедничките проекти ќе може да почнат веќе оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар ја почнува концертната сезона на 30 јануари
На 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе ја отвори концертната сезона со концерт насловен National Jazz Orchestra with String Ensemble.
На концертот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески — гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез оркестар ја започнува новата концертна сезона, поканувајќи ја публиката на вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам.
Билетите за концертот се достапни онлајн на платформата MKTickets, како и на нивните продажни места.
Култура
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари
Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.
Култура
Најдоброто од „Киненова“ од денеска во Кинотека
Вечерва (21 јануари) во Кинотеката на Македонија почнува специјалната програма Најдоброто од „Киненова“.
Ова е концентриран избор на најдобрите од најдобрите филмови кои беа прикажани на минатото издание, но и на изданијата претходно. Имаме два победника, филмови добитници на ГРАН ПРИ на МФФ КИНЕНОВА, првиот филм на победникот на последното издание на БЕРЛИНАЛЕТО, Даг Јохан Хагеруд, еден од најактуелните и најпровокативни Палестински филмови и многу други сеуште актуелни филмови за кои публиката бараше репризни прикажувања.
Од 18:00 часот, вечерва во чест на големиот професионалец и креативец, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски, инаку лауреат на 10то издание на КИНЕНОВА 25, ќе го прикажеме македонскиот филм ИСЧЕЗНАТИОТ на Арбен Тачи.
А од 20:00 часот, ќе игра српскиот филм ПОМЕЃУ БОГОВИТЕ, на Младен Ршумовиќ, овенчан со две награди на КИНЕНОВА 25, за НАЈДОБРО СЦЕНАРИО и НАЈДОБРА РЕЖИЈА, филм каков не сте погледнале. Автентична приказна заснована на траумите од големите бегалски бранови, кои поминуваат низ балканската рута, а каде во случајов попатна станица е Белград. Што се може да се случи на една жена која попатно го загубува својот брат?
Веројатно само рефлексија на нејзината драма и траума. Ќе можат ли таа и нејзиното најтесно семејство да продолжат по патот на потрагата по основна егзистенција или административниот лавиринт во Белград ќе ги зграпчи и ќе им ја долови заробеноста на еден западен општествен систем каков што е српскиот, каде човечките души се извршители на суровиот систем? Филм-ремек дело, направен во манир на најдобрите филмови од иранската школа. Ќе видите филм каде авганистански, ирански и балкански актери играат во манир на Иранската актерска школа. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој совршено се изразува на Фарси.
Уникатен филм по многу нешта.
Целата програма е на линкот

