Култура
Дваесетина поети, џез и поетски филмови на второто издание на Скопскиот поетски фестивал
Второто издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 29 август до 1 септември годинава на две локации: во Младинскиот културен центар – Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.
На поетските читања ќе учествуваат дваесетина поети од земјава и странство, ќе настапат и неколку музичари, ќе се одржи и работилница за креативно пишување поезија за млади, ќе биде отворена и ликовна изложба, а премиерно ќе бидат прикажани и неколку поетски филмови специјално изработени за фестивалот.
Неофицијално, програмата ќе почне со „Отскочна даска“ – настан за млади поети и поетеси од 16 до 25-годишна возраст. Читањето ќе се одржи в понеделник, 29 август, со почеток во 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, на кое ќе настапат десетина млади поети и поетеси, а потем самите учесници со гласање ќе изберат кој од нив ќе чита и на отворањето на фестивалот во официјалната програма.
Истиот ден ќе биде отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) – „Сум страдал, ама убаво ми било“, што посетителите ќе може да ја видат во „Буква“ за времетраењето на фестивалот.
Официјалното отворање на фестивалот ќе се одржи во вторник, 30 август, со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар – Скопје, со настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник – џез и поезија“.
Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците. Ќе настапат: Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и избраниот млад поет/поетеса на настанот „Отскочна даска“.
В среда, 31 август, исто така со почеток во 20 часот, во МКЦ – Скопје ќе се одржи и Интернационалната поетска вечер, на која ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.
Фестивалот ќе заврши в четврток, 1 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, а програмата тој ден ќе почне во 18 часот со работилница за креативно пишување поезија за млади, на која ќе говорат некои од поетите што учествуваат на читањата на тема „Урбана поезија.
Истата вечер, во 21 часот, програмата ќе продолжи со настанот „Стиховно мапирање на Скопје“ – видеопроекција на 12 поетски филма инспирирани од песни за Скопје. Филмовите ги снимија Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Валентина Бакти (Србија) и Диме Данов, врз основа на песни од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка-Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.