Култура
Две нови награди за Манчевски
Уште две нови меѓународни награди освои овој месец македонскиот режисер Милчо Манчевски, а неговиот најнов филм „Кајмак“ продолжува со фестивалските прикажувања и кинопремиери во Европа.
Манчевски ја доби наградата за достигнувања во филмот на фестивалот БАНЕФ во Стокхолм, кој во образложението истакна:
„Милчо Манчевски ја добива фестивалската награда за неговите филмски остварувања, за создавање слики што постојано ги доведуваат во прашање границите на жанровите, со избегнување конвенции, што кинестетички го канонизира како американски режисер во Европа“. Фестивалот вели и дека „Кајмак“ ги прикажува жените поослободени, похрабри, понезависни, а сурогат-мајките станаа вообичаен феномен“.
Манчевски е годинешен лауреат и на фестивалот „Прв кадар“ во Зворник, БиХ, кој му додели плакета за придонес во развојот и промоцијата на кинематографијата во регионот. Вечерва, „Кајмак“ ќе го отвори фестивалот, а пред публиката ќе се претстават главните актери Ана Стојановска и Александар Микиќ.
„Убаво е кога се мешаат разни култури, кога луѓе во други држави ќе се радуваат на македонска уметност, со наши актери, наши филмаџии, на македонски… Во уметноста нема мали и големи земји, има мали и големи дела“, изјави режисерот Манчевски.
Истовремено, „Кајмак“ вечерва ќе се прикаже и на фестивалот ЕНФФ во Хаг, Холандија, а во разговор со публиката ќе ги претстават режисерот Манчевски и продуцентот Јане Ќортошев и копродуцентките Елс Ванде Ворст и Изабела Депевег. Веднаш по фестивалската проекција, ќе почне и кино прикажувањето на филмот во Холандија.
Огромен интерес владее и за прикажувањето на „Кајмак“ во Лондон, каде што билетите за проекцијата на 29 ноември за распродадени за многу кратко време. На барање на македонската амбасада, „Кајмак“ ќе се прикажува во Лондон за студентите и за поширокиот академски аудиториум на University College London, а потоа Манчевски ќе има и разговор со публиката.
„Кајмак“ 2024 година ја почнува во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина.
Покрај фестивалската турнеја со „Кајмак“, минатиот месец во Толедо, Шпанија, Манчевски одржа десетдневен семинар за филмска режија, за класата студенти на Институтот за филм на Шангајскиот универзитет и на шпанскиот Универзитет на Кастилја „Ла Манча“. Изминатава годинава Манчевски одржа серија мастер-класи на фестивалите во светот, од Токио преку Калабрија, Тирана, Торонто и други, кои предизвикаа особено внимание кај стручната јавност и публиката.
„Кајмак“, кој досега освои шест фестивалски награди, е еден од македонските филмови со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и на Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска, Хрватска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција, поддржана од „Еуримаж“, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и многубројни написи во локалните медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

