Култура
Две претстави oд Турција и Норвешка утре на МОТ
Програмата на фестивалот МОТ утре продолжува со две претстави oд Турција и Норвешка во Универзална сала и Младински културен центар.
Во сала „Фросина“ ќе можете да ја гледате претставата „Болницата“ во продукција на „Јо Стромгрен компани“ со почеток од 20 часот. Во далечна болница, три медицински сестри се обидуваат да го издржат недостигот од пациенти со повредување и закани една кон друга, изведувајќи ги своите должности на себе како алтернатива за вистинската работа. Не е здрава активност, но сепак времето поминува. Војник дрвосечач постојано наминува кај нив, откривајќи далеку поедноставно толкување за нивните проблеми. Ова е првата претстава на ЈСК со целосен женски кастинг, што наиде на изненадување кај повеќето, поради навидум мажествениот имиџ на компанијата. Ваквиот избор донесе свеж воздух и нова инспирација за театарот. Претставата стана силна потврда на филозофијата на компанијата за употребата на бесмислен јазик во претставите и доделување локална естетика на секоја продукција. Накратко – идејата за пат по светот со нешто исландско, и тема и јазик, ќе беше застрашувачко за повеќето луѓе уште пред да се проба. Компанијата уште смета дека треба да добие медал од исландскиот министер за култура за промоција на истата. Земајќи предвид дека Норвешка е еден од најголемите непријатели на Исланд веќе 1000 години, напорот на компанијата е импресивен. Како театар, тие сè уште се во исчекување на признанието.
Со почеток од 22 часот ќе можете да ја проследите претставата „Над земја под облаци“ во Универзална сала. По премиерата на Артопија со „Д шииит“ во режија на Ирем Ајдим, режисерката ни ја претставува „Над земја под облаци // некаде помеѓу” – перформанс за ефектите на тековните настани на нашите секојдневни животи и како ја примаме трагедијата преку технологијата денес. Тројца млади луѓе заробени во недефинирано место се борат против стравот од излегување надвор, наспроти нивната желба да го живеат животот потполно, додека нивното тело и свест полека се распаѓаат под сенката на неизбежните информации, кои доаѓаат од дигиталните платформи. Не е само апстракција на состојбата на младата генерација во Турција сега, туку и на општата состојба на несигурност што сите млади луѓе ја споделуваат.Во склоп на придружната програма по претставите следува диџеј-сет на Александар Гавровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

