Култура
Двојно повеќе пари за фолклор отколку за филм
Фолклорот, театарот и музејската дејност идната година ќе бидат субвенционирани далеку повеќе од филмската уметност, издаваштвото или, пак, визуeлните уметности. Ова го покажуваат бројките што беа презентирани вчера за предлог-буџетот на Министерството за култура. Драмската дејност и заштитата на културното наследство се на врвот на листата на распределба на буџетот за култура, а високо е впишана и фолклорната дејност.
Во предлог-буџетот стои дека за театарски проекти се одвојуваат 358.525 милиони денари, за заштита на културното наследство 362.673 милиони денари, а за фолклор дури 280.412 милиони денари.
Музичко-сценската дејност е исто така поддржана со 347.888 музичко-сценска дејност додека за филмски проекти државата ќе одвои само 180.725 милиони денари. Со 4 милиони денари државата ќе поддржува и млади таленти.
Иако неколкупати беше потенцирано дека заложбите и генералната културна политика во наредните 5 години треба да оди во насока на негување на европските вредности и култура која треба да нè афирмира надвор од границите со универзални идеи, изглегува дека сепак ќе ги негуваме локалните и традиционалните обележја. Оваа ставка е веројатно повисока и поради новите 80 вработувања што се најавени во културната установа „НУ Ансамбл на албански ора и песни“.

Од вкупниот буџет од 3,1 милјарда денари ќе бидат одвоени и 125 милиони денари за капитални инвестициски проекти, поточно за реконструкција на објектите на ЦК Гостивар, на театарот во Куманово, на театарот во Прилеп или доградба на објектот на ЦК Прилеп за потребите на театарот, реконструкција на ЦК Кочани (втора фаза), на кровот на стариот дел од објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје, за реконструкцијата на објектот на Албанскиот театар, за изградбата на објектот на Театарот и библиотеката во Тетово, за Театарот во Струмица, како и за реконструкција на други објекти од областа на културата. Оваа ставка е за 12 пати поголема од лани, а целта е културата да биде дисперзирана во градовите и достапна на сите граѓани.
Министерот за култура подвлече дека негов главен приоритет останува новиот Закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието на РМ, и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе бидат остварени условите за потпишување на колективниот договор во културата. Средствата потребни за остварување на овој договор, пак, дополнително ќе бидат обезбедени по спроведените анализи од страна на стручните служби на Министерството за култура и претставниците на репрезентативен синдикат.
Незадоволни од доценење на донесувањето на новиот Закон за култура и новиот колективен договор, Синдикатот на работниците во културата за утре закажа протести пред ресорното министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.
Култура
Вечерва во МКЦ почнува 11. издание на „Скопје синема сити 2025“: филмови за постпанк, блуз, хип-хоп и изложба на фотографии
Во киното „Фросина“ во МКЦ, вечерва во 19 часот ќе биде отворено 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кој оваа година ја поставува Холандија во фокус.
Отворањето ќе биде со култниот филм „Контрола“ на Антон Корбајн – легендарен холандски режисер и фотограф, познат по своите впечатливи портрети на светски музички ѕвезди и по своите влијателни музички видеа. Корбајн е лауреат на овогодинешното издание, а фестивалот ќе му ја додели наградата за животно дело за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација. Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на Joy Division, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата.
Покрај „Контрола“, публиката на 29 и 30 октомври, ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб Бимхаус во Амстердам; краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска; како и „Македонски дневник во рими“, проект на Види Вака кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во Јавна соба, ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката.
„Скопје Синема Сити 2025“ е поддржан од Амбасадата на Холандија во Македонија и од Министерството за култура и туризам.
Дизајнот на плакатот за 11. Издание е дело на Милица Коцева.

