Култура
Дебати за владиниот пиар, социјалните медиуми и состојбите во македонското истражувачко новинарство на вториот ден на ИФФС
Мора да ги поучите младите и возрасните како да разликуваат лажна вест од вистинска. За почеток научете ги луѓето за новинарството. Кога ќе прочитате некоја вест, најпрвин проверете ја нејзината веродостојност, на пример, на „Гугл“, па подоцна споделете ја, ова се дел од искуствата што со публиката на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје ги сподели новинарката Џејн Литвиненко од „Базфид њуз“, синоќа, на отворањето во киното „Култура“.
„Ниеден ден во ‘Базфид њуз’ не е ист на друг. Мене ме радува што не морам да се објаснувам многу со мојот уредник. Сите статистики покажуваат дека лажните вести денес имаат повеќе следбеници од вистинските, особено во време на политички избори“, рече таа и додаде дека една од поинтеренсите теми што сака да ги работи е разоткривањето измами со криптовалути.
Првиот ден на фестивалот го отворија Кристина Озимец, главен координатор на ИФФС, и Милан Живковиќ од „Фридрих Еберт Штифтунг“, партнер на Фестивалот.

„Владиниот пиар и социјалните медиуми: влијание, присуство или преголемо присуство“ е темата на која ќе се дискутира денеска во 11 часот во киното „Култура“ во Скопје, на вториот фестивалски ден на Истражувачкиот филмски фестивал.
Гости на дебатата ќе бидат: Бранко Героски, Божидар Божиновски, Марјан Забрчанец, Бојан Кордалов и Васко Маглешов, кој ќе ја модерира дебатата.
Во 12.30 часот ќе следува презентација и работилница на дигиталниот медиум „Види вака“. Мите Кузевски, еден од основачите на овој медиум, ќе зборува на темата „Како да ја продадеш твојата приказна со помош на едноминутно видео?“
Два документарни филма на македонски автори ќе бидат прикажани како дел од програмата на фестивалот. Во 17.30 часот ќе биде проекцијата на „Случај ‘Дрисла’: Не смрди само ѓубрето“, истражувачки телевизиски документарец на SCOOP. Половина час подоцна ќе следува „Водомила“, во режија на Јордан Дуков, а во продукција на „Кадар“.

„Длабоко во 21 век, во центарот на Македонија, долгогодишната негрижа на властите предизвикува апсурдна ситуација, каква што веројатно нема ниту во земјите од третиот свет“, велат организаторите во краткото сиже за овој документарец.
Во 19 часот е закажана дебата на темата „Истражувачкото новинарство во Македонија – предизвици и како понатаму“.
Ќе дискутираат новинарите: Александра Денковска, Фуркан Салиу, Владо Апостолов, Елида Зилбеари, Петар Клинчарски и Васко Попетревски, кој ќе биде и модератор на дискусијата.
Краткометражниот филм „Бајка за лажните вести“ на Кејт Стоунхил во 20.30 часот ќе нè одведе до еден неверојатен епицентар на лажни вести – Велес. Додека, пак, „Дафне: Егзекуцијата“ во 20.45 часот ќе го отвори прашањето која била новинарката Дафне Каруана Галиција и зошто била убиена?
Истражувачкиот филмски фестивал Скопје го организира Платформата за истражувачко новинарство – ПИНА во соработка со ФЕС Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

