Култура
Дела на скулпторот Александар Ефтимовски трајно поставени во просторот МКЦ Скопје
Александар Ефтимовски е македонски автор со големо интернационално искуство. Во неговото досегашно ликовно творештво има изработено скултури во голем формат, поставени во повеќе од 30 европски и светски држави. За неговата апстрактна скулптура карактеристични се острите агли, овални форми со чисти површини. Материјалите кои ги користи за неговото ликовно изразување тој ги селектира соодветно со идејната форма.
Проектот кој Авторот го создаде за трајно поставување во просториите на МКЦ Скопје е во координација со Ликовниот директор на институцијата Горјан Ѓоргиев. Идејата е преку овој начин на поставување на делата да се доближиме до концептот кој го имаат во музејот МОМА (MoMA: The Museum of Modern Art, New York City) каде преку слична поставеност на делата се промовираат еминентни ликовни уметници со цел нивно поголемо претставување и едукација на посетителите.
Делата – „Секвенца“, „Овални меки“ и „Импулс“ кои се создадени за МКЦ се изработени од метал и се со големина од 1 метар на секоја нивна страна. Површината на скулптурите е третирана со различни солуции за оксидација која го нагризува металот на различен начин и создава различен колорит на кафено – портокалова нијанса која додава, ликовно кажано, игра и динамика на самите форми. Овој проект претставен во плиток релјеф преку иновативниот начин на интервенција врз материјалот создава илузија на третата дименизја преку својот “Chiaroscuro”(светло-темно) ефект.
Идејата на овој проект е преку трајно поставување на скулптура во просториите на МКЦ да се покаже творештво на авторот на публиката од сите возрасти кои ја посетуваат оваа институција за време на концерти, филмски проекции, ликовни изложби и слично. Делото се очекува да биде видено од повеќе од 10 илјади гледачи во период од една година.
Ефтимовски претходно пред публиката на МКЦ ги има претставено неговите скулптури во галериски и во голем формат преку изложбите „Фрагментум“ и „Точки на гледиште “.
По изложбата во Галерија Резистенсиа во Лисабон, авторот активно работи на создавање на дела за изложбата „Магна Матер“ во МЦ Галеријата во Њујорк.
Проектот е реализиран со сопствени и среДства од Општина Центар, и подржан од МКЦ, Борјан Сандревски и Фамилија Ефтимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

