Култура
Десет години Театар „Комедија“
Првите десет години се најтешки, е мислење што често се слуша меѓу народот, а сѐ понатаму е песна. Да бидеме искрени – нам и овие десет години ни беа како песна. Затоа со огромна радост ќе го пречекаме 27 март 2022 година и на Светскиот ден на театарот ќе влеземе во втората деценија на Театар „Комедија“, велат од оваа институција.
Како национална установа, Театар „Комедија“ е основан во ноември 2011 година, а официјалното отворање беше одбележано со премиерата на претставата „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски на Светскиот ден на театарот – 27 Март 2012 година. Првите две години Театар „Комедија“ ја реализира својата програма на сцената на Драмскиот театар – Скопје, а потоа својот дом го најде во објектот Театар „Центар“.
Главната претпоставка за формирањето на Театар „Комедија“ беше и сѐ уште е да се овозможи поголема театарска понуда со постоење жанровски определен театар во државата, со репертоар кој ќе има многубројни праизведби од македонски автори, комедии од класиците на светската книжевност и современи комедии од светската драматургија. Во овие десет години на сцената на Театар „Комедија“ се поставени 33 премиери, а претставите имаа 922 изведби. „Комедија“ е еден од најпосетуваните театри со вкупна бројка од 258.292 гледачи.
Како благодарница, на првиот режисер во Театар „Комедија“, Коле Ангеловски, едно од седиштата во публиката добива плочка со натпис: Коле Ангеловски, првиот режисер во Театар „Комедија“, 27.3.2012, „Ах, љубов моја“.
Заедно со Театар „Комедија“ во овие десет години растеше и зрееше и комплетната актерска и сценска екипа. Театар „Комедија“ досега има добиено 21 награда на домашни и меѓународни фестивали. Со огромно задоволство го организираме и меѓународниот фестивал „Гола месечина“, кој се одржува на отворен простор.
Театар „Комедија“ веќе се вброи и меѓу театарските куќи што ги отворија вратите за сите категории граѓани. Исто така, за подобрување на условите за пристап и за непречено следење на претставите од страна на лицата со хендикеп беа реализирани и неколку проекти.
Ентузијазмот и желбата за откривање нови предизвици се уште позасилени сега кога имаме десетгодишно искуство зад нас. Во тешки времиња најтешко е да се насмеат луѓето, да се извлечат од сивилото на реалноста и да се внесат во простор во кој на сите проблеми ќе гледаат со насмевка. Многубројната и верна публика на Театар „Комедија“ веќе знае каде и со кого да влезе во безбедната зона на радоста и уживањето во животот.
Секој чекор напред е условен од трагите што сме ги оставиле. Во пресрет на Светскиот ден на театарот ве каниме и на изведбите на „Клетвата на Скотје“ во режија на Синиша Евтимов на 25 и 26 март во вашиот Театар „Комедија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

