Култура
Доделени наградите на учесниците на манифестацијата „Денови на европско Скопје 2022“
На 12 декември 2022 година, во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје се одржа завршниот настан на манифестацијата „Денови на европско Европско Скопје 2022“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје со поддршка на Универзитетот за туризам и менаџмент.
На манифестацијата беа прогласени најдобрите од работилницата на средношколците „Фотографирај го европско Скопје“ под менторство на фотографот Александар Кондев, од презентацијата на студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент „Презентирај го европско Скопје“ и од новинарскиот конкурс „Есеј за старо Скопје“.
Под мотото „Фотографирај го европско Скопје“, најдобри фотографии од ДСУЛУД „Лазар Личеновски“ од Скопје изработија прво-наградената средношколка Мирјана Спасовска, второ-наградената Ања Атанасовска и трето-наградениот средношколец Давид Анѓелковиќ. Од другите средни училишта, првата награда отиде кај Теодора Грзодановска, втората кај Милан Крстиќ и третата кај Адем Левиќ. Најдобри презентации на тема „Презентирај го европско Скопје“ изработија прво-наградената студентка Ивона Заревска, второ-наградениот Филип Бакоч и трето-наградените Емине Михтар и Тамара Илиевска. Работилницата беше спроведена меѓу студентите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
На конкурсот „Есеј за старо Скопје“ конкуренцијата беше голема. Меѓу пристигнатите над дваесет новинарски есеи на темата, првата награда ја зеде новинарот Петар Догов од Телма Телевизија, втората отиде во рацете на Борис Груевски од Алфа Телевизија, а трето-наградена беше Александра Филиповска, новинарка на издавачката куќа Три.
Во пригодниот поздравен говор по врачувањето на наградите, ректорот Миленковски, истакна дека Универзитетот е секогаш таму каде што е неопходно и клучно да се поддржат културата и уметноста во градот. Во тој контекст, тој му додели Златна плакета за развој, негување и заштита на културните вредности на градот Скопје на директорот на Дирекцијата за Култура и Уметност на Скопје, Никола Глигоров. Глигоров искажа длабока благодарност за признанието, но пред сѐ за поддршката што годинава ја обезбеди Универзитетот за Дирекцијата и за нејзините традиционални манифестации –„ Скопското Лето“,„ Есенските музички свечености“ и за „Денови на европско Скопје“ – манифестации што се препознатливи и имаат трајни вредности на градот. Тој истакна дека без Универзитетот, во недостиг на поддршка од министерството за култура и од градот Скопје, оваа година Дирекцијата немаше да има толку успешна и богата програма.
На крајот на настанот, Миленковски и Глигоров потпишаа Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот и Дирекцијата, обврзувајќи се да продолжат да соработуваат на полето на културата и на уметноста.
Авторката на манифестацијата Елизабета Кузмановска, истакна дека оваа година преку „Деновите на европско Скопје“ Дирекцијата инспирираше и анимираше над 100 млади луѓе, кои што директно учествуваа и го презентираа културното и јазичното богатство на градот како дел од неговиот модерен европски идентитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

