Култура
Доделени наградите на фестивалот за документарен филм „Македокс“
Синоќа на затворањето на фестивалот за документарен филм „Македокс“ беа доделени наградите за кои одлучуваа пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори.
Наградата „Кромид“, за најдобар филм во главната програма, ја доби филмот „Соло“ (Чешка, Франција, Аргентина,Австрија/ 2019/ 84мин. ) на Артемио Бенки. Овој филм, кој е предводен од еден лик, успева да пренесе повеќеслоен свет на филмското платно. Преку необичниот пристап и хипнотизирачкиот стил, филмскиот творец ги открива маките на протагонистот. „Соло“ е смел и интимен портрет на еден надарен музичар кој се обидува да воведе ред во својот живот и претставува чувствителна филмска приказна за луѓето кои ги обележуваме како „луди“.
Специјално признание во оваа категорија доби документарецот „Град на мртовци“ (Шпанија/ 2019/ 55 мин.) на режисерот Мигел Ек. Филмот ги прикажува различните лица на смртта преку една група обични луѓе. Внимателно конструираната приказна и прецизната кинематографија на филмот умешно нуди едно алтернативно гледиште на т.н. „херој на мисија“ – наратив што е присутен во многу современи документарци.
Со награди за најдобар филм на нов автор се закитија и македонскиот филм „Медена земја“ на Љубомир Стефанов, Тамара Котевска и „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/ 2019/ 73 мин.) на Рета Хухтанен.
„Поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап, решивме да ја доделиме наградата на восхитувачкиот филм ‘Медена земја’ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска“, велат од жири-комисијата.
Наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм замина во рацете на филмот „Нашата песна за војната“, кој е неповторливо филмско искуство во кое животот и смртта се среќаваат во еден волшебен миг на помирување.
Германскиот филм „Ѕверот – воз со непознати“ на Мануел Инакер ја доби наградата „Кокарче“ – за најдобар студентски филм, додека специјално признание за филм од студентската програма доби „Слушај, брат!“ – Русија на Александар Елкан.
На фестивалот беше доделена и награда за филм со најдобри етички идеи, што ја доби филмот „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/ 2019/ 73 мин.) на Рета Хухтанен.
„Размислувајќи за етичките идеи во филмовите, сакавме да ја земеме предвид врската меѓу творецот на филмот и протагонистите. Во филмот ‘Боговите на Моленбек’ децата никогаш не беа безобѕирно следени или набљудувани од камерата. Сè е снимено од нивното лично гледиште – технички преку задржување на камерата на нивото на очите на децата и емоционално преку нивелирање на приоритетите на самите деца во филмот. Младите протагонисти од различно културно милје можеа слободно да си играат и да се тркалаат додека, во исто време, меѓусебно си ги истражуваа филозофиите и верувањата без предрасуди. А ние имавме можност да ги споделиме нивните младешки оптимизам и отвореност“, образложи жирито за Наградата за филм со најдобри етички идеи.
Фестивалот беше затворен со премиера на филмот „Медена земја“, по што следеше и концерт на групата „Фолтин“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Мајските оперски вечери се дел од културната мисија која прави чуда
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 52. Мајските оперски вечери, рече дека сè додека ги слушаме фанфарите со „Триумфалниот марш“ на Верди како го означуваат почетокот на нашата меѓународно признаена манифестација не треба да стравуваме.
Таа додаде дека фестивалскиот оган ќе гори сè додека постои нашата љубов кон Нејзиното Височество – Операта.
„Мајските оперски вечери се повеќе од празник, тие се круна на децениските напори на генерации македонски уметници да создадат и да остават гласовна трага за долги времиња“, рече министерката за култура насочувајќи го вниманието и кон изложбата посветена на макеоднската примадона Милка Ефтимова.
„Тоа се тие генерации врвни уметници на кои им ја должиме сета наша почит зашто од нив научивме дека културата е мисија која прави чуда. Со задача да го промени и да го спаси светот“, рече министерката за култура на отворањето на Мајските оперски вечери.
По церемонијата на палење на фестивалскиот оган од страна на оперската певица Славица Галиќ-Петровска, следеше премиерата на „Трубадур“ од Верди, во режија на Иван Поповски, светски познатиот македонски режисер, кој има голем број оперски поставки во Русија, а кој за прв пат режира опера во сопствената држава.
Диригент беше Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимите се на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во операта „Трубадур“ настапуваат Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ. Репризата е на 11 мај, со диригентот Иван Еминовиќ и солисти од Канада и Чиле.
На Мајските оперски вечери ќе се изведат и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија и операта „Валкира“ на Вагнер (18 мај), со која ќе гостува Софиската опера и балет.
Ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, а ќе има изведба и на камерната опера „Свадба“, со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.
Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“.
Култура
Симфонија на трајни вредности: концерт на Мизар и Хармосини во Македонска филхармонија
Концертот на култниот „Мизар“ и хорот „Хармосини“ ќе се одржи на 12 мај во Македонската Филхармонија, со почеток во 20:00 часот.
Концертот на „Мизар“ е сѐ само не обичен музички настан, тоа е оживување на емоција чија музика и порака те будат како стрелба од длабок сон кој одекнува како глас меѓу најпрефинетите познавачи на музика во поширокиот регион, велат организаторите на концертот.
„Мизар не е само музика. Мизар е повеќе од еден обичен рок-бенд. Мизар е борба, пркос. Мизар е еден од бедемите на македонската музика, култура и национален идентитет”, порача Зоран Митровиќ од „Чув-Де-Чув“ – организатор на настанот.
„ЕКОТИП, во своето 26-годишно постоење, секогаш ги поддржувал иновациите, одржливиот развој но и вистинските и трајни вредности. Главен мотив за иницирање и поддршка на овој, за многумина долгоочекуван настан, е нашата мисија за негување и промоција на културата како ‘ѕвезда водилка’ и двигател на алтернативните начини на размислување, креативност и севкупното воздигнување”, изјави основачот и сопственик на ЕКОТИП, Илија Андреевски.
На прес-конференцијата одржана во Концепт просторијата на ЕКОТИП, на новинарските прашања одговараа фронтменот на „Мизар“ Горазд Чаповски, како и Илија Стојановски, Дени Омерагиќ и претставникот на хорот „Хармосини“ – професорот Ристо Солунчев.
Горазд Чаповски најави незаборавна вечер исполнета со добра музика, одлична атмосфера и моменти за историја, спектакл со 17 врвни македонски музичари-инструменталисти, составени во концепт кој во Македонија се изведува за прв пат. Членовите на „Мизар“ и хорот „Хармосини“, придружувани од класично-гудачка секција и група на free јazz музичари, со аранжерот и диригент Дени Омерагиќ, во прекрасна симбиоза ќе ги исполнат безвременските: 1762, Амфилохиј, Сина соба, Дождот, Глас, Почесна стрелба, Константинопол, Бело море, Градот е нем, Ходен Же, Златно сонце, Галеб… и ред други песни.
Култура
Обајвен конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година
НУМ „Струшки вечери на поезијата“ во соработка со Јуроп Хаус и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, го распишаа конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024 за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант.
Конкурсот е објавен денес, на 9 мај, Денот на Европа и ќе трае заклучно со 3 јуни 2024 година, до кога сите пријави и необјавени поетски збирки треба да пристигнат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата.
Авторот не смее да биде помлад од 18 години, односно постар од 30 години заклучно со денот на крајниот рок на конкурсот и мора да биде државјанин на Република Северна Македонија. На конкурсот пријава може да поднесе исклучиво авторот.
Пријавените необјавени поетски збирки ќе ги разгледува жири-комисија од три члена, којашто најдоцна до 1 јули 2024 година до Управниот одбор на СВП треба да достави единствен предлог за добитник на наградата. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 3 јули 2024 година.
Наградата вклучува плакета, паричен износ и објавување на печатена публикација во склоп на изданијата на СВП.
Добитникот на наградата ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга кон крајот на август 2024 година, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.
Поетската награда „Млада Струга“ е возобновена награда која што во минатото се избираше на Конкурс што го распишуваше Книжевната младина на Македонија.