Култура
Доделени наградите на 11. „Мобил филм-фестивал“
Филмот „Решетки“ (Bars) на младиот палестински режисер Валед Зеданеј ја доби наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“, што ја доделува меѓународниот фестивал на филмови снимени со мобилен телефон – „Мобил филм-фестивал“. Фестивалот годинава се одржа само онлајн, од 30 ноември дo 6 декември, а 90-ина филма беа бесплатно достапни на Video on Demand – платформата Cinesquare.net.
За наградите на фестивалот, одлучи тричленото жири во состав: американскиот режисер и професор Карл Бардош, Горан Наумовски, кинематографер и професор на Универзитетот „Европа Прима“, и Златко Ѓелевски, филмски критичар.
Филмот „Решетки“ носи силна порака во себе и успева да опише еден апстрактен поим како што е демократијата, стои во образложението на жирито.
Наградата за најинвентивен филм ја доби „2040“ на Надин Алјекина од Русија. Наградата за најдобра оригинална идеја ја доби „Odd One Out од Ендрју Роб од Австралија. Специјално признание од фестивалот доби „Спијам малку и сонувам многу“ од Паоло Сантамарија од Италија.
„Мобил филм-фестивалот“ се одржа 11. пат со мотото „Размислувај поразлично“. Филмовите беа поделени во три програми. Сите филмови на фестивалот беа достапни во 13 земји во регионот, каде што е достапна VoD-платформата. Со тоа „Мобил филм-фестивал“ од годинава прерасна во регионален филмски фестивал.
Повеќе од 1000 филма снимени со мобилен телефон пристигнаа на нашата адреса, а за селекцијата се погрижи Весна Ристовска. За жал, годинава немавме ниту еден македонски филм.
„Мобил филм фестивал“ го организира продуцентската куќа „КТ-филм и медија“ од Битола, а е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книгата „Милчо за Манчевски“ и проекција на „Прашина“ во Кинотека
Во среда на 22 јануари во 19 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Милчо за Манчевски“, чиј приредувач е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски.
„Книгата претставува обид да се опфатат многубројните аспекти од животот и работата на Милчо Манчевски, еден од нашите најнаградувани и во светски рамки најреномирани македонски филмски автори – почнувајќи од деновите на неговата младост поминати во родното Скопје па до денес – раниот интерес за театарот и филмот, студиите на филмска академија во САД, почетоците на филмската кариера, педагошката дејност во Њујорк, односот кон политиката и политичарите итн. – и сето тоа надополнето со исцрпна анализа на начинот на продукција, условите за работа, реализацијата, соработниците, режисерската експликација и филмолошката анализа, дистрибуцијата, фестивалите, успехот или неуспехот на седумте негови долгометражни играни филмови и сите останати кусометражни филмови, како и други пројави на неговата творечка личност“, пишува во предговорот Чупоски.
Промотори на изданието се проф. д-р Славица Србиновска, м-р Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и филмскиот критичар Златко Ѓелески.
По промоцијата, во 20 часот ќе се одржи проекција на филмот „Прашина“, кој во 2001 година имаше чест да го отвори фестивалот во Венеција.
Култура
Премиера на претставата „Народен пратеник“ во рамките на јубилејот 80 години МНТ
Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар, на 25 јануари со почеток во 20:00 часот ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996).
Во претставата игра внимателно одбрана и веќе докажана актерска екипа: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ.
Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација на текстот е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.
Првата реприза е закажана за 30 јануари, а билетите за истата се веќе распродадени.
Култура
Цуцковски: Заедно со новите селектори ќе создадеме врвна уметничката програма на Охридско лето
Симона Ѓорчева, музички менаџер и режисерот Ненад Витанов се новите селектори на музичкиот и драмскиот дел од програмата на НУ „Охридско лето“.
Директорот Ѓорѓи Цуцковски најави дека заедно со селекторите ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма. Вели дека ќе се залага да се искористи високиот уметнички кадар од Европа а ангажманот на Симона Ѓорчева во Македонија е прв пример за тоа. Според него нејзиниот придонес ќе биде од огромно значење во создавањето на една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековна традиција на Фестивалот.
„Со професионалноста и умешноста на новите селектори ќе внесиме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознае стручната критика и нашата верна публика“, вели Цуцковски.
Ѓорчева и Витанов се истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, со богата меѓународна професионална кариера.
Годинава од 12 јули до 20 август ќе се одржи 65 фестивалско издание на „Охридско лето“.