Култура
Доделено Гран при на „Остен биенале Скопје 2024“ на Микеланџело Пистолето

На 11 мај 2024 (сабота) „Остен арт“ – Скопје му ја врачи официјалната награда Гран при за животно остварување на „Остен биеналето Скопје 2024“ на еден од најголемите уметници на денешницата – Микеланџело Пистолето.
Според желбата на Пистолето да биде мотив за поврзување и обединување на луѓето и институциите во регионот, чинот на врачување се одржа во Музејот на современата уметност во Белград како дел од програмата во рамките на неговата самостојна изложба „Превентивен мир“. Официјалното Гран при – скулптура од Петар Хаџи Бошков, на маестро Пистолето му ја врачи Корнелија Конеска, извршен директор на „Остен Скопје“.
Настанот беше организиран во соработка со Музејот на современата уметност на Белград, Србија, „Зеринтија“ – Асоцијација за современа уметност (https://bit.ly/4acredW) Рим, Италија и Марио Перони.
Доделувањето на највисоката награда предвидена во рамките на „Остен биенале Скопје 2024“ е најважниот настан од годишната програма на Биеналето, која почна со изложбата „Тркало на времето“ од Марко Бањоли, Италија (23 април – 5 мај 2024) во НГМ – Чифте амам, со која се најави Италија како земја во фокус и континуирано се одвива со самостојни и групни изложби во Галеријата „Остен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филмови во Кинотека

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.
Култура
Ликовна изложба „Beauty spot 3“ на Иван Аџиевски

На 8 јули ќе биде отворена ликовна изложба со наслов „Beauty spot 3“ на авторот Иван Аџиевски. Изложбата ќе биде отворена во 20.00 часот во монтажната-мобилна галерија во Паркот на франкофонијата.
На изложбата ќе бидат изложени слики работени во комбинирана техника со микс на медиуми на кои е претставен женски лик и акт во експресионистички манир со делумна апстракција каде субјектите имаат изразено издолжени портрети и физиономии.
Тие се продолжеток на претходната матрица на насликани портрети на девојки и женски акти претставени на изложбите Beauti spot I и Beauti spot II. Секоја слика има различна претстава на темата со ново искуство доживување и енергија.
Изложбата е дел од програмата за 2025 година на Центарот за современи уметности за реализација на изложби во Мобилната Галерија – Парк на Франкофонија.