Култура
Долги и стоечки овации за маестро Герхарт Рајхенбах
Еден од водечките германски класични гитаристи, Герхард Рајхенбах настапувајќи на програмата на 64. „Охридско лето“ уште еднаш ги потврди високите стандарди на неговото елитно музицирање.
Љубителите на музиката од класичниот жанр во црквата вчеравечер во „Света Софија“ не останаа рамнодушни слушајќи одбрани дела од композиторите Јохан Каспар Мерц, Маури Џулијани, Јохан Себастијан Бах, Исак Албениц, Федерико Морено-Тороба и Жоакин Родриго.
-Беше голема честа за мене што бев поканет да свирам, тука, на ова место, во оваа стара и светски позната црква „Св Софија“ која покрај нејзината историја има и прекрасна акустика што перфектно одговара до акустичната гитата. Имаше фантастична и топла македонска публика, како и публика од Германија. Прекрасно поминав и се надевам дека повторно ќе се вратам. Во првата половина отсвирив романтични дела , централниот дел на репертоатот беше
пијано партита од Бах, додека вториот дел од репертоарот беше шпанска музика, вели германскиот гитарист Рајхенбах.
Овој голем уметник со светско реноме повеќе од четири децении одржува концерти како солист, со оркестар и на бројни фестивали кои го носат насекаде во светот. Покрај тоа, тој е и професор по гитара на Универзитетот во Келн. Вчеравечер во редовите на публиката беа и негови студенти по гитара.
-Првпат сум на фестивалот „Охридско лето“ , но во Македонија, поточно во Скопје, сум свирел во повеќе наврати во текот на изминатите 20 години. Моментално на музичкиот Универзитет во Келн имам пет студенти од Македонија и сите се многу мотивирани и посветени. Еден од најдобрите професори тука, Дарко Багески, беше исто така мој студент, додава Рајхенбах. Репертоарот на овој уметник содржи повеќе од 35 рецитали и бројни концерти за гитара и оркeстар. Неговите транскрипции за гитара на делата на Скарлати, и особено оние на Бах го поставуваат на чело на интерпретаторите на делата на Бах за гитара во светски рамки. Во последните децении Рајхенбах е особено активен на полето на современата музика за класична гитара изведувајќи дела кои се специјално напишани за него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

