Култура
Духот на младите уметници го оживеа Сули ан

Голем број посетители беа дел од синоќешната Прошетка низ уметност на настанот насловен „Стар современ град“ кој се одржа во Сули ан, а е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје. Проектот кој на публиката ѝ овозможи уникатно визуелно искуство е на Матеа Дрецкин, кој е негов концептуален и идеен автор, а е реализиран со соработка со тројца визуелни уметници – Борис Ристевски, Сермедије Бериша и Ивана Мојсовска. Самиот концепт на проектот предвидува создавање силна, природна врска помеѓу уметникот, набљудувачот и просторот преку оригиналните дела на младите уметници уредени во интерактивна поставка.
„Среќен сум со реализацијата на проектот на кој работевме посветено и во кој вложивме многу љубов. Иако посебни дела изработени во различни техники, четирите оригинални творби создадоа целина која на карактеристичен начин го отелотвори допирот на две ери во визуелната уметност, што беше наша основна цел. Благодарен сум на големиот број посетители, на моите колеги и нивниот огромен придонес, на нашиот матичен Факултет за ликовни уметности, на Министерството за култура и на Градот Скопје. Како млади уметници ќе продолжиме со ваквите проекти и активности кои позитивно влијаат врз уметничката сцена и културната матрица во Македонија“, изјави Матеа Дрецкин, концептуален и идеен автор на проектот.
Дел од сложувалката на „Стар современ град“ во Лавиринтот на Дрецкин беше и присуството на современите танчери Бобан Русески, Јована Зајкова, Тереза Лазарев и Сара Цветковска од Катедрата за современ танц при УГД, во кореографија на Адријана Данчевска, кореограф и танчер при Скопје танцовиот театар. Амбиентот беше дополнет со музика креирана од музичарот Тома Димовски.
„Стар современ град“ е лавиринт во кој младиот човек се соочува со отуѓеност и себепронаоѓање, низ ходниците на неизвесноста и можностите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Голдберг варијациите“ на Бах во изведба на Дино Имери – утре во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Ова дело, коешто Имери премиерно го изведе во Скопје во рамки на „Недела на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават во својот концертен репертоар.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави „волшебникот на пијаното“ Дино Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.
Култура
Фестивалот Credence Dance почнува на 16 јуни

Третото издание на фестивалот Credence Dance започнува на 16 јуни, а ќе трае до 21 јуни со програма конципирана тематски, Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц.
Фестивалот оваа година има и дополнителна програма која ќе се состои од работилници и трибини. На програмата се фрагменти од бисерите на класичното наследство „Лебедово езеро“, „Рајмонда,“„Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“ и други.
Освен тоа во делот на модерниот и современиот танц премиерно ќе бидат изведени дела на Игор Киров, Бојан Мицов, Џонс Хинг, Франциско Руиз и Јована Петровска кој кореографите наменски ги подготвија за фестивалот.
Овогодинешниот Credence Dance фестивал ќе понуди ексклузивни гости од Кина, САД, Италија, Франција, Германија, Велија Британија итн. Ова е исклучителна и ретка можност да се видат овие уметници на домашна сцена.
Во рамки на фестивалот традиционално ќе биде врачена Наградата за трајни вредности во танцовата уметност. Настанот се одржува во Националата опера и балет.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Скопје. Влезот е слободен.
Култура
Во Москва излезе „Пиреj“ од Петре М. Андреевски

Романот „Пиреj“ излезе од печат во Москва на инициjатива на Олга Панкина, познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа го преведе уште во 2008 година, го обjави издавачката куќа „Феникс“, Скопjе. Како што обjаснува Панкина, романот на руски веднаш предизвика интерес каj публиката, но сепак книгата не можеше да допре до широк круг рускоjазични читатели. Сметаjќи го романот на основоположникот на современата македонска проза Петре М. Андреевски за ремек дело, таа си постави за задача да го преобjави во Москва.
Оваа година идеjата jа поддржа Центарот за книга „Рудомино“ со коj Олга Панкина плодно соработува веќе петнаесет години (Центарот за книга има обjавено творби на над 20 македонски автори).
Ова издание на „Пиреj“ е многу квалитетно (368 страни, тврд повез) и изгледа современо. На корицата има фрагмент од сликата „Стара куќа“ на Олга Панкина. Блескав предговор за книгата напиша Венко Андоновски, коj даде за руска читателска публика основни информации за историјата која е заднина на личната драма на едно македонско семејство од почетокот на ХХ век, семејството на Јон и Велика, jа подвлече актуелноста на романот и го нарече како најголем македонски бестселер на сите времиња.
Тукушто обjавениот роман веќе заживее своj книжевен живот – почна да стекнува читатели. Минатата недела, од 3 до 7 jуни, беше презентиран на Саемот на книга на Црвениот плоштад во Москва на штандот на издавачот Центар за книга „Рудомино“.