Култура
ДФРМ: Намената на извештајот за работењето на Агенцијата за филм е да се изврши директен атак врз кинематографијата
Намената на извештајот за работењето на Агенцијата за филм е да се изврши директен атак врз кинематографијата, велат од Друштвото на филмските работници.
Нивното соопштение го пренесуваме во целост:
„Со формирањето на работна група за утврдување на состојбите во Агенцијата за филм составена од лица вработени во министерството, во време на техничка влада, која нема никаква надлежност да постапува и да утврдува состојби, а уште помалку да се става во функцијата над Државниот завод за ревизија, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерката во заминување, уште еднаш потврди дека доследно и до крај, е гробар на македонскиот филм и македонската култура.
Овој чин не може поинаку да се протоклува, освен дека е постапување по налог, бидејќи целиот извештај на оваа работна група е повторно прераскажување на смешните тези на Милчо Манчевски, за кои многукратно се покажа дека се фабрикувани.
Веќе нема никакви сомнежи дека главниот генератор на ова „кризно сценарио“ е токму Манчевски, бидејќи тој, овој извештај го цитираше во јавноста, неколку дена пред самиот да го објави во целост.
Дали ова негово здружување со Костадиновска Стојчевска, а потпомогнато од неговата блиска пријателка – државниот советник Весна Илиевска, која е автор на споменатиот извештај, укажува на концентрација на моќ чија единствена цел е реваншизам кон успехот на домашната кинематографија и афирмирање на лажната неприкосновеност на Манчевски?
Зошто во извештајот, кој е изработен во април и мај 2024, не постои информација за потпишувањето на пред-договор со Банана филм за филмот “Биста” на Манчевски, кое се случи во средината на мај, спротивно на одлуката на Управниот одбор на Агенцијата за филм која е се уште на сила, а потврдена од Вишиот управен суд, за стопирање на финансирањето на проектите на оваа продукција?
Овие чудни, насилни и избрзани реакции, евидентно укажуваат на намера да се уништи македонскиот филм, да се уништат македонските филмски продукции, да се уништи Друштвото на филмски работици, а особено да се разединат продуцентите од секцијата Продукија при ДФРМ, кои веќе втора година по ред водат сизифовска борба со Агенцијата за филм и Министерството за култура, барајќи еднаков третман на сите продуценти и подобри услови за филмските професионалци.
Уште еднаш потенцираме дека во ДФРМ, по пријави од страна на Манчевски поминаа сите можни инспекции од министерството за култура, финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Комисијата за спречување корупција и како што е евидентно и познато, кај нас е се чисто!
Ја информираме јавноста дека по изјавите во медиумите, во кои се пласирани невистини, ДФРМ ќе поднесе тужба за клевета, а ќе ги разгледа и елементите за кривична пријава поради фабрикување на информации од страна на одговорните лица во Министерството за култура.
Го повикуваме идниот Министер за култура Зоран Љутков, приоритетно да ги расветли до крај сите овие клевети кои стигнуваат од ресорното министерство, со надеж дека час поскоро филмските работници ќе можат да здивнат од овие лоши бирократски сценарија и да се фокусираат на нивната работа, филмот, најголемиот амбасадор на нашата култура“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.
Култура
Софија Стојанова – автор на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев
Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица.
Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“, таа го докажа авторството, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева.
„Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
На младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев.
Култура
Кинотеката ја објави програмата за февруари: тивки гласови, силни приказни и филмот како чин на сеќавање
Програмата на Кинотека на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања, кој уште еднаш ја потврдува Кинотеката како простор на мисла, чувствителност и отпор кон заборавот. Ова не е програма што нуди лесна забава, туку покана за длабинско гледање и активно учество во филмот како уметнички и етички чин, велат од Кинотеката.
Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи меѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, помеѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа помеѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. Во истата линија на тивка, но моќна авторска исповед се вклучува и документарецот „Приказната за Сиљан“, филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна.
Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш. Неговата минималистичка естетика, тивки паузи и егзистенцијален хумор повторно нè потсетуваат дека филмот може да биде простор на созерцание, а не само на наративна ефикасност. Џармуш останува еден од ретките автори што доследно ја брани слободата на независниот филм.
Европската селекција ја проширува програмата со филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромериа“ — остварувања што низ различни поетики и жанровски регистри се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет. Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде европскиот авторски филм е најсилен.
Посебно значајна е и програмата за најмладата публика, со избор на квалитетни анимирани филмови за деца, кои не ја потценуваат својата публика. Преку јасна визуелна имагинација и внимателно обликувани приказни, тие носат сериозни пораки за емпатијата, различностите, пријателството и одговорноста — градејќи темели за идни гледачи што ќе умеат да гледаат, а не само да консумираат.
„Февруари 2026 во Кинотеката на Македонија не е само месечна програма, туку јасна изјава за филмот како уметност што мисли, чувствува и памети. Простор каде тишината зборува, а сликите остануваат долго по завршувањето на проекцијата“, велат од таму.

