Култура
„Емоции“ – изложба на скулптури од Никола Смилков
Во Културно-информативниот центар – Скопје, „Салон Империјал 2“, на 4 ноември 2022, во 20 часот, ќе биде отворањето на изложбата на скулптури од Никола Смилков со наслов „Емоции“.
И само минувајќи низ патот на емоциите на изложбата на вајарот Никола Смилков, како да се враќаме на самите себе, на своето внатрешно битие, на својот божествен никулец, кој ни ја дава смислата, а со тоа и го осмислува постоењето. Смилков своето уметничко дело како од самите негови почетоци да го поврзува со таинствени нишки со култниот однос кон човечката фигура, особено женската како центар на микрокосмичките случувања. За неговиот создавачко-креативен импулс, фигурата претставува како интуирање на смислата на еден реално даден облик, така и особена загатка со определена материјална таинственост низ која еманираат ирационални димензии на уметничкото, кое подразбира и ликовно, и психолошко, и духовно, со осмислување на важните димензии на архетипското. Сведена, кубистички поедноставена, во дискурс на минимализмот прецизно обликуваната форма, оддава низ призмата на ликовното, необично важни, суштински ознаки на значењето во самата своја содржина.
Никола Смилков е роден 1973 година во Штип, Македонија. Студирал на Факултетот за ликовни уметности за уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирал, а магистрирал во 2002 година од областа на вајарството во класата на проф. Драган Попоски-Дада. Во 2012 година се стекнува со титула доктор на науки на Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола од областа методика на ликовното образование.
Учествувал на многу меѓународни симпозиуми, при што има поставено повеќе монументални скулптури и учество на групни изложби во Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Кина , Египет и Индија. За време на професионалната кариера реализирал неколку студиски посети, вклучително и во Cite De Arts во Париз и „Прима центар“ во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби.
Во 2021 година тој беше награден со гран при на 5. меѓународно биеналале на акт „Марко Крстов Греговиќ“ во Будва, Црна Гора. Како национално признание за неговата уметничко работа Смилков двапати е наградуван. Во 2008 и 2016 година ја добива првата награда за скулптурата „Димо Тодоровски“ од Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).
Изложбата ќе биде отворена до 12.11.2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

