Култура
„Еуримаж“ со 350.000 евра го поддржа филмскиот проект на Дина Дума – „Скејтбордингот не е за девојчиња“
Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ на 170. сесија, која штотуку заврши и е последна оваа година, го поддржа филмскиот проект на режисерката Дина Дума, „Скејтбордингот не е за девојчиња“, со износ од 350.000 евра.
„Оваа година македонската кинематографија финансиски е поддржана и на последната 170. сесија. Третиот македонски проект, кој годинава доби средства е ‘Скејтбордингот не е за девојчиња’, во режија на Дина Дума. Ова е копродукција меѓу македонскиот продуцент 4Сестри и брат Митевски’, ‘Ентре Чиен Луп Сцрл’ од Белгија и ‘Вертиго/Терминал 3’ од Словенија“, изјави Тања Ќурчинска-Пепељугоска, нашиот национален претставник во „Еуримаж“.
Таа додаде и дека бројот на пријавени копродукциски проекти во секоја сесија сè повеќе се зголемува, па така и оваа сесија повторно ќе се памети со 111 пријавени проекти, од кои 99 беа оценувани.
„Во ваква конкуренција проектот ‘Скејтбордингот не е за девојчиња’ беше оценет одлично и рангиран е на високо 3. место на ранг -истата во својата група. Коментарите за проектот беа позитивни и оптимистички: „…млада и талентирана режисерка, која треба да се поддржи; сценариото е интересно, внесува модерни елементи во една конзервативна заедница на Ромите на Балканот; сериозен продуцентски тим“, рече Ќурчинска-Пепељугоска.
„Во ноемвриската сесија, од вкупно оценувани 99 проекти, само 29 добија финансиска поддршка од „Еуримаж“ и до толку е позначајно што меѓу нив повторно е еден македонски проект“.
Северна Македонија е членка на „Еуримаж“ од 2003 година и ова е јубилејна 20-годишнина од нашето членство во овој паневропски фонд. Јубилејната година завршува со вкупно 775.000 евра доделени на диџеј Ахмет, на Георги Унковски на 168. сесија, „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169. сесија и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума на 170. сесија.
„Очекувам дека за 2-2,5 години ќе имаме можност да ги видиме овие филмови на големото платно, особено поради фактот што странските копродуцентски партнери се обезбедени, а со тоа и финансирањето од нивните националните фондови. Се надевам дека и нашата Агенција за филм ќе стори напор да не се повтори оваа година, во која првите 10 месеци немавме ниту еден снимачки ден и дека нашата продукција ќе биде многу поинтензивна следната година“, додаде Пепељугоска.
Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела, „Еуримаж“, од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.438 копродукциски проекти, со вкупен буџет од околу 710 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

