Култура
„Ефектот на среќа“ ќе го отвори „Синедејс“ на 7 ноември

Осумнаесетто издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ ќе се одржи од 7 до 15 ноември, во организација на Младинскиот културен центар. На 16 ноември ќе се одржи специјален настан „Офф Синедејс“.
Отворањето на фестивалот е со премиерата на филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски.
Годинава, „Синедејс“ се приклучува кон светската прослава на 50 години од првото емитување на комичната серија Monty Python’s Flying Circus на BBC1 во далечната 1969, која колективот денес ја презема како годишнина од формирањето на групата со низа специјални појавувања, настани, филмски проекции во Британија и Европа.
Како специјален гостин во рамките на оваа програма е продуцентот Стив Абот, нивни долгогодишен соработник и продуцент на нивните филмски остварувања, кому ќе му биде врачена наградата за животно дело за неговата работа на „Монти Пајтон“.
Абот ќе има и свој мастерклас за пошироката јавност и филмската публика.
Првпат оваа година ќе се додели и наградата за најдобра филмска музика на авторски филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сараево во исчекување: „Народен пратеник“ и „12“ на сцената на Народното позориште

По големиот успех на МНТ во Р Црна Гора, сараевската публика е во исчекување вечерва на 11 април на сцената на Народно позориште, Сараево, со почеток во 19:30 часот, да ја погледне урнебесната комедија која одлично ги прикажува политичките амбиции и ситните страсти во драмата „Народен пратеник“, едно од најважните дела на Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.
Во срцето на оваа комедија е семејната драма – амбицијата на таткото Јеврем Прокиќ и адвокатот Ивковиќ, кои истовремено се натпреваруваат за функцијата пратеник. Семејниот конфликт, политичките игри и смешните ситуации ја прават ова претстава незаборавна.
Играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (глас снимен), Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халил.
Моќната „12“ во Сараево: Театарска елита на големата сцена на Народно позориште
Утревечер, на 12 април со почеток во 19:30 часот, на големата сцена на Народно позориште, Сараево ќе биде изведена моќната претстава „12“, адаптација на култното дело на Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов.
Сараевската публика ќе има ретка можност да ја проследи оваа интензивна драма, изведена од врвна актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
„12“ е претстава што не остава никого рамнодушен – психолошка длабочина, социјална критика и актери во врвна форма. Сараево не пропуштајте ја!
Култура
Јубилејна изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“

Националната галерија на Македонија ја подготвува јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“.
Одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997), еден од најинвентивните македонски скулптори, чие творештво е особено важно за еволуцијата на македонската скулптура, е во сообразност со задачата на Националната галерија да ги чува и презентира најсеопфатно можно достигнувањата на најзначајните македонски уметници земајќи ја предвид улогата што ја имале во создавањето и трасирањето на тековите на македонската модерна и современа уметност.
Изложбата ќе биде отворена на ден 23.4.2025 година (среда), во 20 часот, во објектот Даут пашин амам.
Култура
Љутков: Остануваме доследни за максимална грижа и вложување во заштитата на македонското културно наследство

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и државниот секретар Марија С. Ѓоргова денеска го посетија манастирскиот комплекс „Трескавец“ во Прилеп каде што треба да започне реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во изминатиот период овде беа реконструирани и опожарените конаци, а со тоа по повеќе од десет години се овозможи враќање на монашкото братство во овој комплекс.
– Во македонскиот духовен центар, манастирскиот комплекс „Трескавец“, наскоро треба да започне реализацијата на капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура и туризам за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој за почеток обезбедивме 4 милиони денари. Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата – рече Љутков.
Тој додаде дека овој комплексен проект ќе биде реализиран од мешани тимови од стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Република Грција, Заводот и музеј – Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежен факултет – Скопје.
– Сакам да им се заблагодарам на сите учесници во проектот, како и на докажаните експерти во областа на заштитата од Република Грција кои денеска и лично допатуваа овде, во Трескавец, за да се запознаат со состојбата и да направат увид во досегашната изведба на проектот – рече Љутков.
Претходно, Љутков ги посети и црквата „Св. Благовештение“ и археолошкиот локалитет „Стибера“.
– Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се изврши уште конструктивно зацврстување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата, за што се обезбедени 2,1 милиони денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет „Стибера“, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август.
Во врска со Центарот за култура „Марко Цепенков“, министерот информираше дека во најкраток рок ќе биде постапено по забелешките од Државниот завод за заштита и спасување и објектот повторно ќе биде ставен во функција.