Култура
Завршен концерт на учесниците од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика
На програмата на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на Емилио Перцан и Тамила Гулиева.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија, а досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од овие, но и од други земји. На семинарите, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Македонскиот виолинист Емилио Перцан има активна педагошка и изведувачка кариера и соработува со уметници како: Викторија Мулова, Даниел Хоуп, Кент Нагано, Чен Реис, Рафаела Миланези, Михаел Рол, Јулија Лежнева, Гзавие де Метр и др. Преку различни ангажмани, Перцан настапува во најпознатите сали и на најпознатите фестивали низ светот како: салата на Берлинската филхармонија, салата на фестивалот во Баден-Баден, Оперската сала во Токио, Концертната сала во Сао Паоло итн.
Снима за дискографските куќи: „Дојче грамофон“, „Сони“, „Дека“, „Хармонија Мунди“, „Пан класикс“ и „Оникс класикс“.
Од март 2015 година предава виолина на Универзитетот за уметност во Грац-Австрија, а од октомври 2020 година и на Универзитетот „Калаидос“ во Цирих.
Држи семинари по виолина, виола, камерна музика и предавања по историска изведба, методика во Германија (Schloss Akademie Hamburg), Русија (Конзерваториум „Чајковски“, Гнесинска академија, Иполитовски институт), Австрија (Gifted in music), Италија, Киргистан, Украина итн.
Неговите студенти се добитници на повеќе од 150 меѓународни награди.
Пијанистката Тамила Гулијева дипломира и магистрира со почести на Музичката академија во Баку (Азербејџан), а продолжува да се усовршува на Универзитетот „Фолкванг“ во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач.
Гулијева е добитничка на повеќе награди, меѓу кои прва награда на Фестивалот за млади пијанисти и награда за Најдобар пијано-соработник во 1999 година. Како солист настапува рецитално и со симфониски и камерни оркестри, а е официјален пијано-соработник на мајсторските курсеви на Мстислав Ростропович, Табеа Цимерман, Квартетот „Форе“ и др.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

