Култура
Заврши 34. издание на Саемот на книгата, го посетиле над 23.000 посетители

Вчера, заврши 34. издание на Саемот на книгата, кој првпат по две години се врати во својот редовен пролетен термин. Саемот на книгата ја надмина вообичаената посета од страна на читателите и се враќа во сопствениот сјај. Заклучно со вчерашниот, последен ден, саемот го посетија 23.800 посетители, информираа организаторите.
„Сме организирале многу саеми, големи, гламурозни, технолошки напредни, но токму овој саем, Саемот на книгата, остана да нè вреднува слично на Хамлетовото „да се биде или не?“ Не ни беше тешко да ја преместуваме манифестацијата, да ја организираме под маски, со сертификати, без сертификати, но во овие времиња не е важна формата, конечно. Ќе дојде време ќе посветиме внимание и на формата, но најважно беше манифестацијата да опстои! Со книга докажавме дека може да ги победиме сите премрежиња“, изјави Даниела Глигоровска, извршен директор на „Глобал медија гроуп“.
На саемот се претставија над 60 издавачки куќи од Македонија, Турција, Србија, Косово и од Албанија, а значајно претставување имаше и Министерството за култура и туризам на Република Турција. За време на саемот се доделија наградите во организација на Македонската асоцијација на издавачите и се организираа над 30 промоции во промотивниот центар.
Саемот на книгата се организира под покровителство на Министерството за култура на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Златниот објектив“ за 𝟤𝟢𝟤𝟧 година во рацете на доајенот Петар Богоевски: награда на Кинотека на Македонија

Крајот на април во Кинотеката секоја година е резервиран за доделувањето на „Златниот објектив“. Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинешниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли. Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови.
Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.
Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.
„Златниот објектив“ традиционално се доделува на 29-ти април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.
Оттаму, свеченото доделување на „Златниот објектив“ на доајенот Петар Богоевски ќе се одржи во вторник, на 29 април, во 12.00 часот во киносалата на Кинотеката на РС Македонија.
Култура
Лик од Македонија ќе се појави во новата епизода на „Симпсонови“

Лик од Македонија ќе се појави во новата епизода на анимираната серија „Симпсонови“.
Креаторите на серијата одлучиле да внесат спортист кој доаѓа во Спрингфилд како голема сензација од Македонија.
Во епизодата е вклучен тим од земјата. Се работи за сестрите Невена и Калина Нешкоска и нивниот брат Наум, кои заедно го водат едукативниот канал, Дарко Биберко.
„Учествувавме во преводот, јас лично имав консултантска улога, а сите тројца испеавме песна што ја преведовме од англиски на македонски. Благодарност до композиторка Кара Талве, која ја овозможи оваа соработка“, напиша Невена Нешкоска на Фејсбук.
Епизодата премиерно ќе се емитува во САД во недела, на 27. април, во 20 часот (2:00 понеделник наутро по македонско време) на американската телевизија „Фокс“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори

На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.