Култура
Загрепскиот младински театар со изведба на „Хадерсфилд“ на Охридско лето
Загрепскиот младински театар од Хрватска синоќа во рамките на драмската програма на фестивалот Охридско лето ја изведе театарската претстава „Хадерсфилд“ од Угљеша Шајтинец, а во режија на Рене Медвешек.
Претставата ja постави темната и многу трогателна приказна од реалноста за една триесетгодишна генерација која тешко ги остава зад себе последиците од војната и не гледа подобра иднина. Во едни такви околности во време на потполно распаѓање на моралните и материјалните вредности, дури и дождливото јоркширско предградие изгледа како ветена земја.
Еден од најперспективните млади балкански актери, Дадо Чосиќ, ја игра главната улога во претставата, ликот на Рац, фрустриран млад човек што се враќа во родниот Карловац и таму ги убива деновите не работејќи ништо, освен пиењето алкохол, караниците со таткото и површниот љубовен однос со малолетната сосетка.
„Секој од нас има некој што замина. На пример, и мојата мајка, која е припадник на средната генерација, замина. Но, и многу млади масовно ги напиштаат своите родни земји во потрага за нешто подобро, нешто поубаво. ‘Хадерсфилд’, според мене, всушност, е претстава за останувањето дома, за некаква перспектива. Во целиот јад и чемер што е втемелен во претставата, некаде на крајот има некаква светла перспектива и на крајот таа средба што би можела да се случи доколку ние што остануваме инсистираме на тоа. Промените тргнуваат од самите нас и единствено така може да ги промениме светот, театарот и сè друго“, вели Чосиќ.
Драмата завршува така што сите јунаци по низата долги и мачни ситуации и разговори се собираат на масата.
Во „Хадерсфилд“ играат седуммина актери, од кои двајца, Филип Нола и Дамир Шабан, се доајени во театарот, а другите, Дао Чосиќ, Адријан Пездриќ, Матео Видек, Бернард Томиќ и Тина Орландини, се млади глумци.
Загрепскиот младински театар е угледен театар кој е познат и признат и надвор од границите на Хрватска. Основан е во 1948 година, најпрвин како Пионерски театар, а во 1967 година го добива сегашното име.
Современиот српски драматург Угљеша Шајтинец е добитник на голем број награди вклучувајќи ја и Европската награда за литература, како и Стериина награда за „Хадерсфилд“ во 2005 година. Оваа претстава беше поставена и во Југословенското драмско позориште во Белград, каде што со своето десетгодишно опстојување на репертоарот и гледаноста стекна култен статус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

