Култура
Почна 17. издание на „Локум фест – музика и традиција“
Синоќа, на платото пред велелепниот Офицерски дом – КИЦ Битола, во рамките на „Бит-фест 2023“, почна 17. издание на налканскиот етнофјужн-фестивал „Локум фест – музика и традиција“.
Честа да го отвори годинешното издание на фестивалот ѝ припадна на реномираната македонска етногрупа „Баклава“, која го промовира својот нов музички албум „Од Скопје со љубов“… Токму „Баклава“ беше доволна провокација за многубројната публика да ги заземе седиштата уште пред концертот да почне.

Вториот концерт во првата фестивалска вечер го донесе виртуозниот ансамбл од Грција @Loxandra Ensemble – Λωξάντρα. Токму концертот на оваа група ја вивна атмосферата до еуфорија, танц и овации. Атмосферата беше збогатена со многубројни презентации на ракотворби, кафе и локуми, рачно изработен накит и слично.
„Локум фест“ е фестивал што негува македонска и балканска музичка и духовна култура, која ги зближува луѓето. Првпат годинава „Локум фест“ има и Оф-програма, која само ја продолжува можноста да се уживаа во овие исклучителни моменти. Плоштадот Магнолија и вино барот „Буре“ ечеа од песни и ора на Македонци, Грци, туристи, минувачи… Песната не познава граници…

Вечерта македонската чалгија им го озари лицата на присутните, а појавата на виртуозот на кларинет, почитуваниот Вевки Амедов, ја подигна атмосферата до еуфорија. Тоа беше доволна провокација за членовите на Loxandra ensemble да се приклучат со интерпретирање на традиционалната музика.
Фестивалот продолжува вечерва со настап на „Елијас ладино-ансамбл“, кој ќе нѐ наврати на препозналивите ладино-песни на стара Битола. Како посебен куриозитет на вечерта е изложбата на авентични фотографии од Државнот архив – одделение Битола, со наслов La Mahalle – битот на нашата ладино-заедница од авторите Димитар Ѓорѓиевски и м-р Ивана Хаџиевска.

Вториот концерт за вечерва му припаѓа на големото музичко име со македонски корени, словенечкиот музичар Васко Атанасовски, кој ќе настапи со промоција на албумот „Мелем“, а специјален гостин на концертот е македонската пејачка Добрила Грашеска. Дружењето продолжува во хотелот „Театар“, со вечер посветена на ладино-музиката.

Фестивалот завршува на 20 јули, в четврток, со традиционална вечер во старата битолска чаршија, на пешачката улица покрај реката Драгор, со промоција на ромската култура и настапот на групата „Јужни ѕвезди“ и Вевки Амедов со поддршка на Фондацијата „Преда плус“, а насловно име на последната фестивалска вечер е турско-данскот бенд Ypek yolu („Патот на свилата“).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

