Култура
Почнува 17. издание на „Локум фест“ – музика и традиција
Со промоција на новиот албум на групата „Баклава“ на 18 јули во 20.30 часот, на платото на Офицерскиот дом – КИЦ Битола, ќе почне „Локум фест 2023“, а вечерта продолжува со музика, која ни доаѓа од соседна Грција и Loxandra Ensemble – Λωξάντρα во 21.30 часот.
„Оваа година првпат имаме ‘Локум фест – оф програма’, првата вечер во ‘Вино бар буре’ на ‘Магнолија’ со ‘Баклава’ и гостите од Грција. Нашата пасија за откривање на традиционалните музички спомени и звуци на конзулска Битола ни ги носи нашите битолчани од Њујорк, Elias ladino ensemble, а соработката со Државниот архив – Битола ни донесува прекрасна изложба на фотографии од музичкиот живот на битолските Евреи. Втората вечер ја затвораме со познатиот македонско-словенечки мајстор на саксофон Васко Атанасовски и промоција на неговиот албум на балканска музика „Мелем“, со пејачката Добрила Грашеска.
Дружбата продолжува во хотелот „Театар“ со латиномузика, поезија, закуска, дружба… Последната вечер на 20.7 е резервирана за старата битолска чаршија, каде што ќе се случува фестивалското крешендо. Ќе се распостелеме покрај пешачката улица крај Драгорот, со ракотворби, локуми, турско кафе, добра храна и радост… Ќе уживаме во мајсторијата на Вевки Амедов и неговите „Јужни звезди“ славејќи ја ромската култура, а токму оваа вечер ги имаме специјалните гости од партнерскиот фестивал „Резонатор“ од Данска, кои со поддршка на MOST music ги имаме во Битола. Групата Ypek Yolu или Патот на свилата е харизматична спојка на традиционална анадолска народна музика и фанк фјужн, музика која има една единствена цел – да ве разигра и опушти… Традиционално, ќе се дружиме сите три фестивалски вечери со ЗУР „Македонски ракотворби“, крушевски и битолски локум, со презентации на рачно изработени производи и, секако, кафе“, велат организаторите на настанот.
Фестивалот се реализира со средства на Министерство за култура, Општина Битола, „Пред плус фондацијата“, Амбасадата на Р. Словенија во Скопје, Генералниот конзулат на Р. Грција во Битола, КИЦ „Битола“, како и многубројни пријатели и поддржувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.