Култура
Започнува „Џифони Македонија“ – препуштете се на магијата на филмот и креацијата
„Задоволство ми е што стигнаме до 8.издание на „Џифони Македонија“, во кое преку онлајн-врска да придонесеме духот на Џифони да влезе во нивните домови, а и кај 50 млади од 12 држави надвор од Македонија, кои ќе се дружат со нашите џифонци. Ова издание го направивме, хибридно. За среќа, го имаме летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, кое периодов стана култно, но главната програма ќе биде онлајн. Благодарение на поддршката на ОБСЕ, добивме платформа – отворена врата за младите да ги споделат своите идеи на едно место“, рече Дарко Башески, извршен директор на „Џифони Македонија“, на отворањето на фестивалот синоќа.

Почетокот на фестивалот беше означен со италијанскиот филм „Мојот брат брка диносауруси“.
Преку видеоврска на отворањето учествуваа и 15 млади од Џифони кои заедно со директорот и основач на „Џифони Италија“, Клаудио Губитози.
„Многу сум среќен што ве гледам сите присутни. Во оваа необична година во која на патот ни излегоа нови предизвици, се охрабривме и направиме одлично 50.издание и покрај потешкотиите со кои се соочи светот годинава. Овогодишното искуство ни отвори нови хоризонти, не можевме да замислиме дека ќе треба да измислуваме нови начини да се доближиме до нашите учесници. Активностите на јубилејното издание ќе траат до крајот на година. Ви посакувам успешен фестивал“, рече Губитози.
Присутните ги поздрави италијанскиот амбасадор во земјава, Карло Ромео, за кого ова е последно издание на фестивалот, зашто му завршува мисијата во Македонија.
„Среќен сум што сум овде со вас, но чувствата се измешани, зашто ова е мој последен „Џифони Македонија“ како амбасадор. Во овие четири години работевме на многу проекти, на промоција на италијанскиот јазик и култура, а „Џифони“ е еден од оние проекти со кои сите може да се пофалиме како успешен проект, бидејќи „Џифони Македонија“ е среќна оаза, која има италијанско потекло, но меѓународен дух и пренесува важни пораки до младите“, рече Ромеро.
Џифонци нестрпливо го очекуваат почетокот на работилниците на кои ќе учествуваат од денеска па во наредните четири дена. Најмладите учесници – јуниорите ќе започнат со ликовната работилница каде секој може да ја испроба својата креативност и да научи нешто ново за сликарските тајни и техники. Годинава, оваа работилница е фокусирана на креации инспирирани од планетата Земја, а ќе ја води академската сликарка Моника Мотеска. Филмската музика ќе биде во фокусот на музичката работилница, што ќе ја модерира виолинистката и писателка Лада Шоптрајанова-Петровска. Таа ќе ги води учесниците низ дела од класичната музика користени во филмовите, но и низ музика специјално напишана за филм и низ други интересни теми и музички дела.
Едукативниот центар за компјутерско образование „Едуфронт“ од Скопје ќе ја одржи работилницата „Програмирање со Scratch“. „ПрограмИграм во Scratch“ младите учесници во текот на петдневната работилница ќе се воведат во програмирањето со најинтуитивниот програмски јазик Scratch. Денеска се одржа и еднодневна работилница за готвење под менторство на Бранко Попоски, а во соработка со „Балкан синема ситис“.
Кадетите и сениорите ќе имаат прилика да работат на теми од фотографијата, анимацијата, дигиталниот дизајн. Професионалниот фотограф со долгогодишно искуство, Роберт Јанкулоски ќе ги воведе џифонци во уметноста која крие многу тајни. Поетесата Елена Пренџова ќе ја раководи работилницата за креативно пишување. Таа ќе има за цел да ја разбуди имагинацијата и креативноста на учесничките и учесниците, да ги носочи и да ги охрабри да го искористат својот креативен капацитет во креирање авторски текстови напишани според соодветна задача, како и да ја поттикне нивната љубов и навика кон читањето и книжевната уметност воопшто.
Со едноставни апликации и со својата богата имагинација учениците ќе создадат кратки анимирани филмови на работилницата што е под менторство на Крсте Господиновски, професор по анимација на Факултетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА и режисер на анимирани филмови.

Еден од најпознатите илустратори и стрип-цртачи во Македонија, Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, ќе им открие на учесниците неколку брзи техники и трикови за создавање уникатни цртани ликови. Домашната јавност најмногу го препознава по илустрациите на омилените детски ликови Петко, „Светот на Биби“, а во светот полудуваат по неговите цртежи на ликовите од популарната серија „Игра на троновите“.
Работилницата за графички дизајн ќе ја води Ладислав Цветковски, професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Со оваа работилница учесниците ќе имаат можност да научат како визуелно да комуницираат, дури и во услови со ограничени материјални и технички ресурси и како со помош на бесплатната платформа Canva да креираат постови за социјалните мрежи.
Кадетите и сениорите денеска ќе имаат мастер-клас со режисерот Леон Ристов, автор на филмот „Ќе му се јавам на татко ти“ од 18 часот. Неговиот краток филм влезе во програмата на Сараевскиот филмски фестивал. А еден час подоцна следува Мартин Чичовски кој ќе разговара на тема – како одлучивме да снимиме серија? Станува збор за група средношколци учесници на „Џифони Македонија“, кои летово снимија своја серија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.

