Култура
Почнува 24. „Синедејс“ со репертоар од над 50 европски остварувања
Со слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се одржува 24. „Синедејс“ – Фестивал на европски филм.
Осумте селекции, повеќе од 60 филма, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвната работилница „Маркетинг на филм“ се фактографски белег на годинешниот „Синедејс“.
„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сѐ е богат со најновите и најнаградувани филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да може да виреат такви креативци, но и на таквата префинета публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал, пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.
Два филма се на почетокот на фестивалот – „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.
„Ова издание на ‘Синедејс’ ги носи и ‘Тајниот агент’ на Мендонса Фило, ‘Домот на младата мајка’ на браќата Дарден, и двата номинирани за ‘Златна палма’, ‘Татко мајка сестра брат’ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата ‘Златен лав’ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како ‘Оче наш’ на Горан Станковиќ, ‘Ера’ на Парта Келменди, ‘Павиљон’ на Дино Мустафиќ… А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и ‘Македокс’ ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршок на годинава за МКЦ“, дополнува Арсова.
Селектор на програмата на 24. „Синедејс“ е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, МК во ЕУ, МК-премиери на кратки филмови, музички документарци, СЕЕ-програма, селекција на Дејвид Линч и „Македокс“.
Жири-комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора, за филмовите во СЕЕ-програмата.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „Синемјузик“ имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во киното „Фросина“ и во Дансинг-салата „25 мај“.
Билетите за годишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Други финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европските филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

