Култура
Започнува 38-та Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“
Најновото 38-мо издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ и годинава традиционално ќе се одржи во истоимениот манастирски комплекс кај Крива Паланка, во периодот од 28 јуни до 6 јули.
Ликовната работилница ќе биде средиште на креативност и културна размена меѓу овогодинешните учесници од земјава и странство, и тоа : Ана Белтран Поркар од Шпанија, Хенда Лоулизи од Тунис, Халид Ел Бекаи од Мароко, Орест Циупко од Украина , Мирослав Цаповчак од Словачка, Ерман Караѓоз од Северен Кипар, Дарина Дочева од Бугарија и Зоран Чалија од Србија, како и Мирослава Трујкановиќ, Стефан Хаџи-Николов, Стефан Младеновски, Анета Стојчевска и Јулијана Гешоска од Македонија.
Традиционално, темата за творење е слободна ,по сопствен избор на учениците, но се очекува и годинава уметниците да бидат инспирирани од автентичното духовно и природно опкружување на манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ и да создадат уникатни уметнички дела низ кои ќе се рефлектира богатото културно наследство на овие простори.
За време на колонијата ќе се реализира и самостојна изложба на сликарот Стефан Хаџи-Николов, долгогодишен учесник на манифестацијата и член на Организацискиот одбор, во ЛУ Градски музеј во Крива Паланка. Идејата е на музејската установа која од од оваа година започнува со серија годишни изложби на уметнички дела чии автори истовремено се и учесници на Меѓународната ликовна колонија “Свети Јоаким Осоговски”.
Создадените дела од 38-то издание на оваа значајна ликовна манифестација ќе бидат изложени во галерискиот простор на Осоговскиот манастир, а потоа и во Крива Паланка и други градови во земјата.
Ликовната колонија се реализира со поддршка на Министерството за култура, Општина Крива Паланка и манастирот Св. Јоаким Осоговски при МПЦ-ОА.
Годинава, оваа ликовна манифестација е дел од бројните културни настани од програмата на „Крива Паланка-Град на културата 2024.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина пејачката Бади Бекир
Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.
Нејзиниот колега музичар Горан Алачки објави дека погребот ќе се одржи утре на градските гробишта „Бутел“.
Небахат Бади Бекир беше македонска пејачка на народна музика. Покрај соло кариерата, Бади понекогаш настапуваше со групата наречена „Четири грации“, каде покрај Бади беа и Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Тодоровска. Нарекувана е македонската Весна Змијанац.
Првите чекори на сцената ги прави во детските денови како член на играорна група изучувајќи го во исто време и македонскиот и турскиот фолклор. Како дебитант на музичката сцена се појавува во 1985 година на фестивал на забавни мелодии. Паралелно пее на турски, албански и македонски јазик. Најплоден период на нејзината кариера е за време на големите југословенски турнеи. По распадот на Југославија и се посветува на македонската фолк песна. Следат настапи на македонските фестивали, соработка со бројни автори и турнеја во австралија во 2002 година. Во 2004 година станува една од Грациите. Во 2006 година прославува 20 години постоење на естрадата.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.

