Култура
За рекорден еден и пол час продадени двата концерта на Камерниот оркестар на Битола
Четврта година по ред Центарот за култура од Битола својата нова сезона ја почнува со концертот „Засекогаш во срцата“, кој го организира Камерниот оркестар на Битола, а посветен е на споменот на големиот Тоше Проески.
Оваа година смртта на Аки Рахимовски, кој патем минатото лето во Битола со истиот оркестар го имаше еден од своите последни концерти, беше причина повеќе годинешниот концерт да биде посветен и на Тоше и на Аки, двете музички ѕвезди, кои повеќе не се меѓу нас, а музицирале и на сцената на Центарот за култура и со битолскиот Камерен оркестар, со кој диригира Владимир Димовски.
Поради огромниот интерес, наместо еден, беа најавени два концерта, кои вечерва и утре ќе се одржат во Битола, а минатата недела, само што се најави продажбата на билетите, за неполн еден и пол час се распродадоа.
На концертот гости ќе бидат: Каролина Гочева, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Александра Јанева, Александар Тарабунов, Јана Бурчевска, Виктор Апостоловски, Нико Ѓоргиевски, Бојан Стојков, а на сцената ќе биде и хорот на Државното музичко училиште од Битола, чиј ученик беше Тоше Проески.
Ова беше повод и за денешниот прес, кој директорката на Националната установа Центар за култура, Маја Андоновска-Илијевски, го искористи и да ја најави целокупната програма која е планирана за оваа установа и штотуку потврдените проекти што ќе ги поддржи Министерството за култура за 2022.
Од областа на драмската дејност поддржан е 23-тиот по ред Фестивал на монодрамата со 600.000 денари, од областа на музичката и музичката сценска дејност поддржани се неколку проекти: Новогодишниот концерт со 250.000 денари, гостување на балетот „Госпоѓиците од Авињон“ со 50.000 денари, концертот на Симфонискиот оркестар на НУ Филхармонија со 50.000 денари, 14-тото издание на Фестивалот на музика од светот со 850.000 денари, концертна промоција на албумот „Нова ера“ на Николче Мицевски со 200.000 денари, традиционалниот концерт „Засекогаш во срцата“ со 350.000 денари. Од областа на фолклорот поддржано е издавање носач на звук на КУД „Стив Наумов“ – Битола со наслов „Јас и Битола“ со 120.000 денари, семинарот за традиционална музика и игра, кој се одржува годинава 14. пат со 300.000 денари, 52. издание на Илинденските денови, интернационален фестивал на народни игри и песни со 2.200.000 денари, поддржани се и 6 изложби: „Интеграли“ на Илија Маџаров со 60.000 денари, државната изложба на детски ликовни творби „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ со 70.000 денари, традиционалната ликовна работилница за деца со 60.000 денари, фотоконкурс и изложба на уметничка фотографија со 40.000 денари, проектот „Видна мистерија“ на Љубе Алексовски со 50.000 денари и македонска резба на Веселин Поповски со 40.000 денари.
Добивме и средства за инвестициско одржување, односно да поставиме подни плочки во горното фоаје, кое има дотраен под, со што и овој дел ќе може естетски да се уреди за настани што заслужуваат убав простор во нашата институција. Оваа поддршка е во вредност од 200.000 денари, истакна директорката на Центарот за култура во Битола на денешниот прес.
Најавен е и настан за март, кој не е е финансиран во годишната програма, за кој набргу ќе има и официјална потврда, а директорката го најави како убаво изненадување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

