Култура
Извршители ја блокираа сметката на МОБ, институцијата има долг од 700.000 евра
Извршители ја блокираа сметката на Македонската опера и балет поради долг од 700.000 евра, дознава „Макфакс“. Овој долг потекнува од 2015 година и изнесува 800.000 евра, но досега институцијата успеала да врати 100.000 евра. Според директорот Васе Ристов, истекол рокот од три години кога е направен овој долг и сега доверителите бараат наплата.
„Институцијата веќе формира интерна ревизија на финансиската ситуација за да се утврди како се настанати долговите. Според нивната анализа ќе треба да постапуваат надлежните институции. Во меѓувреме, ние ќе мора да се справиме со оваа ситуација и да ги враќаме долговите, изјави директорот на МОБ за „Макфакс“.
Од 2015 година до 2017 со МОБ раководеше Игор Дурловски, кој поднесе оставка од местото директор по настаните од крвавиот четврток. Тој е еден од 33 обвинети за овој случај. Дурловски не побара да биде амнестиран, а пресудата ќе биде објавена на 16 март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светски ден на аудиовизуелното наследство во Кинотека
На 27 октомври (понеделник), сите архиви, кинотеки, филмски музеи и институти во светот ќе го одбележат Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со активности, промоции и настани со кои фокусот на светската јавноста го насочуваат кон значењето и ранливоста на аудиовизуелното наследство. Како дел од тоа големо семејство на професионалци и институции посветени на заштитата и сочувувањето на филмското културно наследство, и Кинотеката се вклучува со свои активности во одбележувањето на овој значаен ден.
Во таа насока, на 27 октомври (понеделник) со почеток во 12 ч. во кинотечното кино ќе се одржи блу – реј промоција на филмот МИС СТОН на Живорад Жика Митровиќ од 1958 г., а до крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма, ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.
Од понеделник до петок, односно од 27 до 31 октомври, на репертоарот на кинотечното кино ќе бидат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да го потенцираме токму оваа 2025 година. Пред сè тука се филмовите: ДЕНОВИ НА ИСКУШЕНИЕ, ВОЛЧЈА НОЌ, ОЛОВНА БРИГАДА, КОНТАКТ, АНГЕЛИ НА ОТПАД, ЈАД и ВРЕМЕ, ВОДИ.
Светскиот ден на аудиовизуелното наследство (WDAH – World Day for Audiovisual Heritage) е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. Три и пол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и прошири таа првична препорака со нова и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.
Култура
„Народен пратеник“ на МНТ продолжува со регионалната турнеја, следна станица „Борини позоришни дани“
Претставата „Народен пратеник“ на МНТ продолжува со успешната регионална турнеја.
На 24 октомври, во главната натпреварувачка програма, ова сценско остварување ќе биде изведено на сцената на театарот „Бора Станковиќ“ во Врање, Србија, како дел од 45. издание на реномираниот театарски фестивал „Борини позоришни дани“.
Со ова дело, Бранислав Нушиќ уште еднаш потсетува дека смеењето е најсилното оружје против глупоста и корупцијата. Неговата извонредна сатира за човековата суета, лицемерието и алчноста, преку ироничен хумор го пресликува малиот човек што, стекнувајќи политичка моќ, губи морален компас. Критичарите ја истакнуваат важноста на оваа драма, која нуди реалистичен приказ на општествените односи, засновани врз корупција и лицемерие, додека истовремено им се потсмева на политичката култура и на народната наивност. „Народен пратеник“ е безвременско дело, бидејќи темите за амбицијата, поткупот и честољубието и денес се актуелни.
Во режија на Егон Савин, еден од водечките театарски режисери на Балканот, во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Селекторот на годинашното фестивалско издание, д-р Мирослав Радоњиќ, во селекцијата вклучи седум претстави од водечки театри од регионот, кои ќе се натпреваруваат за главните награди на фестивалот и една претстава што ќе биде изведена во чест на наградените.
Освен Македонскиот народен театар, во натпреварувачката програма учествуваат: Театар „Бора Станковиќ“ – Врање, Битеф театар – Белград, Народно позориште – Белград, Народно позориште на Република Српска – Бања Лука, Градско позориште „Семберија“ – Бијељина и Звездара театар – Белград.
„Борини позоришни дани“ годинава се одржува од 21 до 28 октомври и веќе четири и пол децении претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи квалитетни сценски уметности и отворајќи простор за дијалог меѓу различни естетики, поетики и културни контексти.
Со учеството на овој значаен фестивал, МНТ уште еднаш ја потврдува стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.
Култура
Драмски со претставата „Кармен“ на театарски фестивал во Анкара
Со монодрамата „Кармен“, Драмски театар Скопје на 24 октомври ќе учествува на 17. Меѓународен театарски фестивал ЕТХОС Анкара 2025. Фестивалот се одржува од 16 до 26 октомври во главниот град на Турција. Годинава под мотото „Градот и театарот“ на фестивалот ќе учествуваат театарски уметници, амбасадори на културата, претставници на центри за култура и членови на граѓанските и невладини организаци од над 20 земји. Публиката ќе може да ги следи театарските претстави и останатите фестивалски настани на повеќе сцени низ Анкара.

Драмски театар Скопје со монодрамата „Кармен“ во која ликот на Кармен го игра Биљана Драгичевиќ – Пројковска, учествувал на десетина меѓународни фестивали и тоа во Грузија, Молдавија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Албанија како и на десетина гостувања во нашата земја.
Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.

Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија.

