Култура
Изложба на керамики од Филип Фидановски со наслов „Пикасо можеби јас 2“
Во Музејот на град Скопје од 25 октомври до 05 ноември 2024 година, ќе бидат изложни керамики од Филип Фидановски со наслов „Пикасо можеби јас 2“.
Отворањето на изложбата е на 25 октомври во 20 часот.
Ќе бидат претставени 17 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18 каратно злато за керамика и порцелан.
Изложбата е под покровителство на Амбасадата на Кралството Шпанија, финансиски подржана од Министерството за култура и туризам и спонзорирана од општествено одговорни компании од нашата држава: НЛБ Банка, Дајнерс клуб – Македонија, Тиквеш, Скопска Пивара, Мартема, Метеор фото студио, Виталија и Торакс.
Изложбата ќе ја отвори Н.Е. Г-дин. Рафаел Соријано Ортиз, Амбасадор на Шпанија
За изложбата во каталогот амбасадорот ќе напише:
Нашата културна дипломатија се заснова на размена и дијалог, каде што промоцијата на нашите уметници е исто толку важна како и можноста за соработка која се движи во две насоки и за која оваа изложба е добар пример. Делото на нашиот брилијантен сликар Пикасо, инспирира творештво од нашиот македонски уметник кој на тој начин постигнува уметничко дело кое, во исто време, е македонско и шпанско. Накратко, отворена за светот бидејќи Уметноста со голема буква не познава граници.
Куратор на изложбата е Проф. Д-р Кирил Пенушлиски кој во текстот во каталогот ќе заклучи:
„Пикасо, можеби јас 2“ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација, и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна. Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи не на трајното влијание на визијата на Пикасо.
Филип Фидановски (Скопје, 1977).
Во 1996 година завршува Средно уметничко училиште завршува во Скопје (1996) во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров, а високо образование и магистерски студии завршува на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија (2004), на катедрата за керамика во класата на Професор Красимир Џидров. Од 1995 година до денес реализирал 28 самостојни и над 50 жирани и групни изложби. Учествувал на многу уметнички колонии и симпозиуми. Член е на повеќе професионални здруженија. Професор е по предметот Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. Во периодот од 2003 – 2010 е: доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје; 2002 – 2006 стручен соработник во Музеј на
Македонија, Одделение за едукација, во периодот 2002 – 2003 работи во ателје за музејски копии при истиот Музеј; 2019 – 2022 е претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), во 2020 – 2021 е директор на уметничкото училиште Државно средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ – Скопје; 2020 – 2022 е претседател на комисија за полагање приправнички испит по ликовно образование при Државниот испитен центар на Македонија; во 2023 е член на комисија за визуелни уметности, архитектура и дизајн при Министерство за култура. Автор е на „Прирачник за изведување на настава по ликовно образование“ како и на „Практични вежби и материјали за учење за ученици по ликовно образование за 3-то и 5-то одделение во основното образование“. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Учествува во организација на многу настани од облата на уметноста и културата, а на некои од нив е и автор. Добитник е на наградите: (2018) Награда за скулптура на ДЛУМ, Скопје; Награда „КОНСТАНТИН МАЗЕВ“ за мал формат од Културно информативен центар – Скопје. (2015) Награда за скулптура мал формат „ДИМО ТОДОРОВСКИ“ – ДЛУМ. (2007) Награда за скулптура „ЈОРДАН ГРАБУЛ“ на ДЛУМ, (2000) Трета награда за млад автор на Петтото интернационално биенале за керамика, Каиро, Египет (Бронзена плакета).
Денес живее и работи во Скопје.
Подетално за авторот и неговото творештво на веб страницата на авторот: https://filipfidanovski.mk/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со проекцијата на „Романот за Џим“ почнуваат редовни месечни кино средби на француски филмови
Францускиот институт во Скопје известува за првото издание на месечните „Кино средби” во Кинотека, каде што ќе се прикажуваат современи француски филмови како и големи класици на француската кинематографија.
Овие кино средби започнуваат со проекцијата на „Романот за Џим“ (2024), од Арно Ларје и Жан-Мари Ларје, со Карим Леклу, Летиција Дош и Сара Жиродо, в четврток, 19 февруари 2026, 20:00 часот, Кинотека.
Премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Кан 2024, филмот беше номиниран за наградите Lumières de la presse étrangère за најдобар филм и најдобар актер, а Карим Леклу доби Цезар за најдобар актер 2025.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.

