Култура
Изложба на скулптури „Акт“ од Ненад Тонкин во Куманово
На 20.10.2022 година, четврток, со почеток во 20 часот, во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, ќе биде отворена изложба на скулптури на авторот Ненад Тонкин. Се работи за најновата продукција од 8 скулптури работени со комбинирани материјали.
Ненад Тонкин е воспитувач во градинка и академски скулптор. Неговата магистерска теза од областа на скулптурата го истражува и анализира уметничкиот предизвик при создавање скулптури инспирирани од цртежи на деца од градинка. Одржал и креирал неколку детски ликовни работилници. Дизајнира сценографија за театар. Изработува скулптури исклучиво со употреба на рециклирани материјали и најдени готови предмети. Насликал неколку мурали со поголеми димензии. Реализирал повеќе самостојни и групни ликовни изложби во земјата и странство. Автор е на музика за неколку театарски претстави. Компонира и издава своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem. Бил член на музичката група Bei the Fish. Роден е и живее во Скопје. За својата најнова изложба, Тонкин ќе запише:
„…’Акт’ е изложба на скулптури, со мал и голем формат, кои се дел од разни циклуси изработени и изложувани во разни периоди. Скулптурите избрани да бидат дел од овој концепт ги спојува една главна карактеристика, тоа е фигурацијата, односно приказ на човечко тело. Другата важна заедничка особина за овие дела е што се изработени исклучиво со употреба на рециклирани материјали, отпад и ready-made/ready-found објекти.
Актот како ликовен мотив е многу честа појава во ликовното творештво. Претставено преку разни видови уметнички стилови, од класичен до апстрактен, човечкото тело е вечна инспирација за истражување и создавање. Во рамките на овој концепт уметникот се обидува да го претстави човечкото тело преку една друга нетипична перспектива на набљудување на формата и суштината на телото. Така, има скулптури чие создавање е инспирирано од детски цртежи, каде што не се истакнуваат анатомијата и пропорциите на човечкото тело, туку првенствено е запазен детскиот слободен и креативен израз. Има и такви скулптури што се создадени врз основа на одредени чувства на уметникот или, пак, скулптури што се вид на илустрација на негови претрпени стравови, од детството, но и актуелни. Сепак, сите тие имаат или барем се трудат да имаат некаков облик со одредени карактерни црти и лик својствени за човечкото тело“.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 3.11.2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

