Култура
Изложба „Регенерација“ на Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска во галеријата на Младинскиот културен центар
Ликовната изложба „Регенерација“, на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска, ќе биде отворена в среда, 18 октомври 2023, во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Љубителите на уметноста ќе може да ја посетат до 30 октомври.
Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата на Ковид-19, кој неизбежно се рефлектира во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење и воедно го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.

„Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија, како и реакција на моментните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат трага врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. Настанати се преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, кибрити, плексиглас, колаж). И покрај тоа, во делата провејува нишка на оптимизам бидејќи периодот на изолација исто така придонесе за развивање на чувството на исполнетост преку пронаоѓање на внатрешниот мир, со надеж за одново обновување и регенерација во времето што допрва доаѓа. Целта е да се поттикне поголема свесност за работите што забораваме да ги забележуваме и создавање нова перцепција за нашето опкружување. Тој порив произлегува од постојаната потрага за спознавање на сопствената природа и чувството на обединување со универзумот.

Регенерацијата како тема е тесно поврзана со генетиката на секоја единка, но голем дел од нејзините процеси зависат и од времето и условите во кои таа единка се развива… Овие влијанија дејствуваат на нејзиното обновување, нејзините последици и опстојување во дадената физичка форма. Христина Зафировска преку своите дела на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, опстојување, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес делата ги претставуваат последицата и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација. Во делата комбинира повеќе начини на изразност – објекти со поп-артистички колористички изведби, текстуална игра на зборови, плочни плакатски решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенции стануваат целини, а со тоа самите форми стануваат своевидни објекти во просторот.

Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури личат на костими што ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот систем на листот од дрво, тоа е оној систем што ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“. Овие човечки фигури со својата транспарентност истовремено личат на кожа што змијата ја отфрла откако ќе ѝ стане тесна. Формата на човекот е присутна како остаток, како сведоштво за некоја негова претходна состојба, а тој не исчезнал, туку пораснал, се трансформирал, ги пребродил предизвиците. Како паралела, на ѕидот се поставени слики во повеќе нијанси на црвена боја, која потсетува на крв. Крвта е таа што го снабдува човекот со сите потребни материи и го одржува во живот слично како водата преку системот за циркулација на растенијата“, велат авторите Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.

„Помеѓу зборовите, мислите и битието отсекогаш постои бездна… Делата на конкретните три уметници нè водат преку симболичен мост на невозможната мисија. Со атрибутот го отелотворуваат глаголот, а со глаголот атрибутот. Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето што ни доаѓа. Регенерација на просечно и болно е она што нуди и прави емпатија, регенерација на минорното и грдото е она што не ни се допаѓа. Забележливо е дека јас авторот со ситниот број напишани зборови тешко се регенерирам во својот слободен пад помеѓу мислите и битието… сепак, во хармонијата на вкрстување информации од кој било тип добиваме: машина, тело и дело што се регенерира во веќе постојна квантна состојба од варијантите. Непоколебливо присутни со своите регенеративни идеи се: Христина Зафировска, Ана Ивановска и Маја Кировска, кои го даваат своето сепство спојувајќи се во просторот на Галеријта МКЦ. Просторот е битен… во него времето минува и се отелотворува заедно со визиите на објектите што ќе бидат поставени во него. Транспарентно видлива стварност на одреден код, кој ќе биде отелотворен во свеста на посетителот. А посетителот ќе суди и пресудата ќе важи само за него.
П.С. Секој пишан збор (кој не вреди колку мисловниот) е во интерес на антиципирање на настанот“ – Горјан Ѓорѓиев
Кратки биографии
Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, отсек сликарство (2006). Во 2007 год. го завршува Педагошкиот оддел а во 2011 ги завршува постдипломските студии на отсек сликарство на истиот факултет. Од 2006 год. член е на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ). Таа е еден од основачите на уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009) која станува уметнички културно-алтернативен центар во Скопје сè до 2011 година. Во 2012 година станува дел од седумчлената уметничка женска група „МОМИ“ која сè уште е активна на македонската ликовна сцена. Сопственик е на ТП уметничка работилница КРЕАТИВНА СЛОЖУВАЛКА (2014) и има статус на самостоен уметник (Министерство за култура) од 2015 година. Од 2022 год. станува член на Уметничкиот совет на ДЛУМ и член на Управниот одбор на BIEAF 2023, меѓународен уметнички фестивал за животна средина во Бусан, Р. Кореја (2023).

Реализирала повеќе самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и странство. Добитник е на наградата „Денес“ (2008), наградата за вајарство доделена од ДЛУМ (2017), наградата за нови медиуми доделена од ДЛУМ (2020) и беше претставник на Р. Македонија на интернационалниот натпревар на VII Франкофонски игри во Ница, Франција (2013). Остварила уметнички престои во Њујорк, САД (2022); CreArt, Скопје (2020); Папрадиште, Солунска глава (2019); Тирана и Корча, Албанија (2019); Берлин, Германија (2018); Париз, Франција (2014); Виена, Австрија (2011); Њујорк, САД (2009). Нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми и нивна комбинација: инсталација, слика, скулптура, видео, перформанс, цртеж.
Христина Зафировска, родена е во Скопје 1983 година. Завршува средно уметничко училиште на одсек применето сликарство. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на смер-сликарство со графички дизајн. Магистрант е на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано 2009 година; исто така е една од основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која почнува од 2012 година со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот. Од 2016 година има статус на самостоен уметник кој е поддржан од Министерство за култура.

Реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, меѓучовечки односи, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација. Проектите се презентирани во Германија, Франција, Бугарија, Турција и во повеќето градови во Република Македонија. Нејзината уметничка пракса се базира на работа во различни медиуми како сликарството, графички дизајн, ѕидното сликарство, инсталација, сценографија, цртеж, фотографија и видео. Активно учествува на локални и регионални проекти, погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни проекти, саеми на уметност, симпозиуми, резиденции, фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, низ Европа и пошироко
Маја Кировска е родена 1982 година во Скопје. Дипломира 2007 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсек графика, со насоки графички дизајн и модно креирање со текстил, каде е наградена за најдобар студент во класата. 2007 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во 2009 година, во соработка со неколку колеги ја оформуваат уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и основаат истоимен културен центар во Скопје. Во 2011 магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во област сликарство, под менторство на професорот Благоја Маневски. Во 2011 започнува постдипломски студии по филмска и ТВ камера на Факултетот за филмски уметности – Европска филмска и театарска академија ЕСРА во Скопје.
Во 2012 во соработка со шест колеги ја основа уметничката група МОМИ. Од 2013 до 2019 предава на факултетот за Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет – Република Македонија, каде како насловен доцент предава Дизајн на плакат, Основи на графички дизајн, Фотографија и Мултимедија, a од 2018 добива звање вонреден професор. Од 2015 до 2023 година е член на уметничкиот совет на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Нејзината уметничка пракса се базира на работа во различни медиуми како инсталација, скулптура, видео, фотографија, перформанс, слика, графика, цртеж и филм, најчесто комбинирајќи ги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

