Култура
Изложба „Циклус 19 II“ на Христина Зафировска во КИЦ на РСМ во Софија
Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, на 11 септември 2024, со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Циклус 19 II“ на ликовната уметница Христина Зафировска. Изложбата е составена од сликарски дела во мал формат, насликани со акрилни бои. „Циклус 19 II“ е второ самостојно претставување на авторката во Бугарија, која на отворањето ќе се сретне со софиската публика и ќе ја запознае со своето творештво.
Циклус 19 II
Во периодот што измина но и во оној што следи, човештвото се соочува со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата Ковид 19. Изолацијата, сведувањето на комуникацијата на минимум и системските промени земаа крупни моменти од животот на луѓето, а посебно на младината. Секојдневните информации поврзани со невидливиот противник допираат до нас, влијаејќи на нашето ментално здравје. Светот сеуште војува со пандемијата и се справува со последиците, а се поставува и прашањето, уште колку долго би траело ова?
Академската сликарка Христина Зафировска, преку својот циклус од 19 дела на тема „Ковид“, на апстрактен и сликовит начин ни го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. Целиот серијал од 19 епизоди кои се тесно поврзани меѓу себе го интерпретира биолошкиот кружен строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување.
Креативните дела од овој циклус се изработени во акрилна техника – мал формат, симболизирајќи ја микроскопската големина на вирусот, кои се надополнети со мали парчиња кои се пробиваат низ површината. Во кружниот, квадратниот и триаголниот простор со мирни потези нанесени се глатки брановидни и испрекинати линии – патот по кој вирусот се движи, а точкастите сегменти иницираат на циркулацијата и ширењето на вирусот. Во секое дело применет е широк опсег на форми со кои авторката ги паралелизира варијациите на микросветот, а таквиот начин на изразување може да се види и во многу претходни нејзини циклуси и изложби. Кога ги гледаме имагинарните амебовидни и геометриски битиа чудесно распрснати низ просторот, се запознаваме со богатата мисла и надреална фантазија на авторката сакајќи да ни пренесе кратка анимирана приказна. Концептот на делата е осмислен и наративен, а просторот рационално искористен. Тоа е постигнато преку взаемна синтеза на топли и ахроматски бои, конкретно компониран цртеж, со што доаѓа до израз графичкиот импулс на уметникот. Преку бојата, формата и начинот за визуелно претставување на делата го следиме уметничкиот стил на Зафировска, кој што заслужено може да се категоризира како дел од модерната апстрактна уметност.
Нејзиниот концентриран фокус покажува кон спремност за експериментирање со нови фантастични облици, кои ќе бидат пандан на фигуративната структура на вирусот кој прерасна во реална закана врз човештвото во 21 век.
м-р Галоска Билјана
Христина Зафировска е родена во Скопје. Завршува средно уметничко училиште на отсек применето сликарство. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на смер-сликарство со графички дизајн. Магистрант е на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано 2009 година; исто така е една од основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која почнува од 2012 година со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот. Од 2016 година има статус на самостоен уметник кој е поддржан од Министерство за култура. Реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, меѓучовечки односи, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација. Проектите се презентирани во Германија, Франција, Бугарија, Турција, Њујорк и во повеќето градови во Република Македонија. Нејзината уметничка пракса се базира на работа во различни медиуми како сликарството, графички дизајн, ѕидното сликарство, инсталација, сценографија, цртеж, фотографија и видео.
Активно учествува на локални и регионални проекти, погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни проекти, саеми на уметност, симпозиуми, резиденции, фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, низ Европа и пошироко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

