Култура
Инспиративна вечер со уметниците Јанош Балинт и Владимир Милошевиќ на „Охридско лето“
Инспиративен концерт со внимателно избран репертоар претежно со транскрипции имаа вчеравечер унгарскиот флејтист Јанош Балинт и српскиот пијанист Владимир Милошевиќ.
Тие настапија на концертниот подиум во црквата „Света Софија“, изведувајќи ги „Унгарската пасторална фантазија“ од Доплер, „Сонатината оп.100“ од Дворжак, композицијата „Сиринкс за соло флејта“ од Дебиси, „Романски танци“ од Барток, „Медитација“ од Масне и „Кармен фантазија“ од Борне.
Внимателно одбраниот репертоар изведен со висок виртуозитет од страна на уметниците донесе уште една вечер на „Охридско лето“ што долго ќе ја памети публиката.
„Ова ми е првпат да учествувам на фестивалот ‘Охридско лето’, но вторпат во Македонија. Акустиката е фантастична за сите инструменти, а особено за флејта. Амбиентот во црквата е прекрасен, но и воопшто во целиот град“, рече унгарскиот флејтист Јанош Балинт, кој и со концертот во Охрид потврди дека е врвен уметник од првите редови на уметничката елита.
И пијанистот Милошевиќ, кој ги полни салите секаде каде што настапува, не го криеше задоволството што настапува на фестивалот.
„На ‘Охридско лето’ сум вторпат и големо е задоволството, особено што свирам со мојот долгогодишен пријател Јанош Балинт, еден од најдобрите флејтисти во Европа и во светот. На охридската публика ѝ се претставивме со прекрасна програма. Во Охрид сè е фантастично, целата атмосфера е во знакот на фестивалот и нè инспирира да уживаме“, рече пијанистот Милошевиќ.
Широкиот репертоар за флејта на Балинт вклучува преку 1000 композиции кои датираат од барокот па сé до современите дела за флејта, а некои од нив се напишани специјално за него. Во оваа бројка покрај делата за соло флејта, свое место имаат и концертите за флејта и оркестар, камерни композиции за флејта и пијано, гитара, харфа или глас. За да го прошири репертоарот уште повеќе, Балинт самиот компонира транскрипции за дела кои оригинално не се напишани за овој инструмент. Во 2008 година Јанош Балинт го добива најголемото унгарско признание од областа на музиката, наградата „Франц Лист“ за особени достигнувања, која ја доделува Министерството за култура и образование на Унгарија.
Владимир Милошевиќ важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот во Белград во класата на проф. Невена Поповиќ, а продолжил да се усовршува во Италија. Тој е редовен професор по пијано на Универзитетот за уметности во Белград.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.
Култура
Комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ на 13 декември на сцената на Националната опера и балет
На 13 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – опера која со својата духовитост, динамика и незаборавни арии со децении ја плени домашната и светската публика.
Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Урсула Хорнер (Австрија), сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа ќе настапат: Роберто де Кандиа (Италија), Николина Јаневска, Чанг Ванг (Кина), Владимир Саздовски, Јанoш Носек (Полска), Злата Тошевска Димовска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, чембало: Анастасија Грговска заедно со хорот и оркестарот на МОБ.

„Севилскиот бербер“ е едно од најпрепознатливите дела на Росини – автор кој со својата музичка виртуозност и карактеристични брзи, ритмични фрази создава неповторлива енергија на сцената. Блеска со брзи дијалози, духовитост и незаборавни музички моменти, меѓу кои се истакнува славната арија „Largo al factotum“, со која Фигаро повеќе од два века го освојува светот. Делото ја раскажува љубовната приказна полна со неочекувани пресврти, тајни планови и духовити недоразбирања, претставени во препознатливиот Росиниев стил – брз, жив и раскошен.

