Култура
Интервју на писателот Томислав Османли за „Вијести“: „Во новото општество нема место за сеќавањата“
Македонскиот писател е преставен во мошне опсежен разговорот за неговите книги објавени во регионалните издавачки куќи, како и со неговите мислења кои се движат и во проблемските историски, како и во општествените поттексти на неговото книжевно творештво.
Подлистокот за култура и уметност „Art“ на дневниот весник „Vijesti“ од Подгорица, објавува опсежен разговор со нашиот писател Томислав Османли.
Интервјуто, чијшто автор е долгогодишниот новинар Вујица Огњеновиќ, е мотивирано со неодамнешната објава на романот „Бродот. Конзархија“ на македонски автор, во издание угледната издавачка куќа „Агора“ од Нови Сад. Авторот овој новински разговор, својот соговорник го претставува концизно, на следниот начин: „Македонскиот писател Томислав Османли (1956) е наградуван прозаист, драмски писател, теоретичар на медиуми и автор на над 30 книги, меѓу кои се и првите македонски книги посветени на седмата и на деветтата уметност (филмот и стрипот). За Art Vijesti тој говореше за своите наградени книги“.
Разговорот со македонскиот писател е најавен и на насловната страница на саботниот број за култура и уметност на независниот дневен весник „Vijesti“ кој годинава одбележува 25 години постоење. Интервјуто со Османли носи наслов „Во новото општество нема место за сеќавањата“. Покренува прашања од повеќе домени, од негова книжевна поетика, прозни особености, темите на глобалната моќ и манипулацијата со основните човечки вредности како што се животот и слободата на поединецот и на народите, разорувањето на земји: „впрочем,не е само Балканот, според старата ситагма, буре со барут, туку тоа во меѓувреме стана и целиот свет. Блискиот Исток е во воена состојба до кајшто досега моето целоживотно паметење, значи и пред војните во нашите земји, а така останува непрекинато, дури и по склопувањето на нашите кревки мирови; таму,веќе со генерации, новородените деца вдишуваат чад и барут. Европа е, еве, поприште на жесток и опасен воен судир помеѓу два блиски, некогаш братски идентитети. Тоа потсетува на нашите крвави искуства. Тековната украинска судир во една димензија го доживувам како постјугословенска војна… Има во тие судири, некаков заеднички содржател, што меѓу жртвите, а особено кај главните извршители…“
Османли говори за траумите на современоста од аспект на литературниот и интелектуален ангажман, на силите (ги нарекува злодуси) што поттикнуват војни, сѐ до темите на актуелното отуѓено живеење во сегашност во која сѐ, па и демократијата се претвора во симулакрум, проблематизирани и во неговата глобална дистопија, романот „Бродот. Конзархија“ и неговата особена „холографска“ поетика. Интервјуто, сепак, не се задржува само на спомнатата литературна објава, туку и на уште неколку прози книги на Османли, објавени на просторот на регионот во кој се говори и се чита на ист или сроден јазик. Така, во фокусот на интересирањето на авторот на интервјуто во најновиот број на подгорички „Art“ се и романот „Дваесет и првиот“, книгата раскази и новели „Светилка за Ханука“, „Зад аголот“, „Каприча“…
Меѓу останатото, во интервјуто станува збор и за актуелните македонските национални теми, од кој дел авторот на интервјуто со Томислав Османли го извлекува следниот исказ: „Kолку што негациите и посегнувањата по македонската историја, јазик и идентитет се позачестени, толку е посилна и југоносталгијата зашто во југословенската повоена заедница македонскиот народ го доби своето комплетно признание и својата прва трајна државност.“ Понатаму македонскиот писател продолжува: „Што се донесува до мене, јас од својата македонска и југословенска припадност никогаш не сум се откажал. Јас сум југоносталгичар, но и културен југореалист, зашто со задоволство констатирам дека луѓето на уметноста и на културата најлесно се пронаоѓаат, се договараат, се дружат и соработуваат, па токму тие најдобро и успеваат повторно да ги воспостават врските што така жестоко ги беа испокинале политичарите.“
Османли пред црногорските читателите опсежно ја претставува и македонската прозна сцена спомнувајќи голем број имиња на автори од сите книжевни генерации кои активно создаваат романескни творби.
Проширеното медиумско интересирање за авторскиот профил на Томислав Османли е резултат на подолго време присутните позитивните одгласи на книжевните проследувачи и на читателските реакции што во тамошните медиуми ги добиваат неговите прозни дела, кои години со ред, се објавуваат во Хрватска, Србија, БиХ и Црна Гора. По неодамнешните разговори со нашиот писател, во белградскиот независен весник „Дневник“, како и седмичната емисија „Околу Балканот“ на програмата на Радио Белград 2, објавени во април и во мај годинава, ова е трето поскорешно големо интервју, меѓу поголемиот број претходни разговори, со кое тамошните литературни јавности континуирано, повеќекратно го фокусираат творештвото на овој исклучително продуктивен и естетски особен македонскиот автор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот стрип на фестивал во Ужице, Србија
На покана на Градскиот културен центар на Ужице(соседна Србија) ,како еден од гостите на третото издание на стрип фестивалот „УЖИЧКИ СТРИП СУСРЕТИ“ беше поканет и Томе Трајков-програм координаторот на Македонскиот стрип центар со седиште од Велес. Оваа посета е финансиски поддржана од страна на Министерството за култура на Р.С.Македонија и е дел од Годишната програма за Меѓународна соработка за 2024 г.
„Престојот во Ужице го искористив да присутните, преку посебна панел дискусија но и неформална комуникација , ги запознам со актуелната стрип сцена во Македонија . Се разбира дека акцент се даде и на долгогодишната работа на Стрип центарот на Македонија и делување во интерес на македонските автори, стрип групации и воопшто целокупната наша стрип сцена. На крај организирав стрип изложба од домашни автори , учесници на последниот Интернационален стрип салон во Велес, како најзначајна стрип манифестација(фестивал ) во светот на 9та уметност во Македонија.
Беа изложени дела на македонски цртачи од понова генерација : Славица Купенкова, Ангела Петрушевска, Евгенија Трајковска, Матеа Аризановска, Вилма Дамњановска,Елена Апостоловска, Влера Чиче, Катерина Тери Николовска (сите од Скопје) ,потоа Методија Андоновски и Анастасија Недељковска од Куманово, Оливер Цветковски од Велес и на крај Теодора Христова и Михаела Васкоска од Битола. Како сценаристи на некои од делата беа застапени Ване Трајков од Велес и Александар Стеванов од Штип.
Од другите гости на овој фестивал, повеќето реномирани стрип артисти од регионот, се слушнаа доста комплименти за талентот на изложените стрип автори, и изразена подготвеност за развивање на идна меѓународна стрип соработка ..“-нагласи Трајков
Култура
Концерти на „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“ на последната фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“
Утревечер, 27 април е третата и последна фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“.
Во Едукативниот културен центар Лабораториум со почеток во 21 часот со концертен настап ќе се претстават „Macedonian Free Society“. Потребата за нов-креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачи израз, како соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика е токму поводот за креирање на еден ваков мега состав.
Иновацијата во креирањето на музичко дело и изведба на поединечни музички преокупации и изразни форми на секој од членовите вткаени во предизвикувачка и квалитетна целина е резултатот на овој современ ансамбл. Неговите членови поединечно, или како дел од нивните матични состави нижат признанија и награди во домашен и меѓународен контекст, и тоа: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за ПМГ Џез, како 46 издание, излезе и првиот албум на „Macedonian Free Society“.
Веднаш потоа во 22 часот на истата локација, концерт на „Поетроника“. Еден од највозбудливите музички проекти во земјава, кој поставува нова парадигма во начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс и во симбиоза со авторска електронска музика, изведена во живо. Заслужни за тоа се двајца врвни современи уметници, Оливер Митковски, еден до најголемите домашни актери, кој во изведбата го носи читачкиот (поетски, интерпретативен) дел и Андреја Ристески – Салпе, талентиран автор и продуцент, еден од водечките современи македонски електронски артисти, задолжен за музиката. Неочекувана, но благодарна комбинација, која дава силно модерен и динамичен поглед врз македонскиот поетски пишан збор.
Музиката на Андреја Салпе е квалитетна современа електронска продукција, со традиционални и џез одеци, која волшебно пронижена со искусниот вокал на Митковски фрла ново светло на познати и не толку познати стихови од нашето минато и сегашност од автори како: Ацо Караманов, Гого Ивановски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески. Квалитетот на изведбата во „Поетроника“ ги елевира песните на ново, неочекувано, неописливо атрактивно ниво и ги прави податни за ново толкување, приближувајќи ги до нова, млада публика.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.