Култура
Интернационален театарски фестивал на детски театри „Игор Маџиров“
Театарот за деца и младинци го прославува 32. роденден. Од театарот го најавуваат првиот Интернационален театарски фестивал на детски театри, именуван според колегата актер „Игор Маџиров“.
„ По 32 години успешна работа, со бројни меѓународни награди и признанија, со неколку рекордни изведби на претстави во нашиот театар, сакавме да ја продолжиме нашата успешна приказна, создавајќи го и овој фестивал, чија цел е промоција на детски претстави работени од наши колеги од светот.
Интернационалниот театарски фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ ќе се одржи од 30 септември до 4 октомври 2022 во Скопје. Фестивалот ќе биде со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат седум (7) награди за кои ќе одлучува интернационална жири комисија составена од три члена. Наградите кои ќе ги доделува фестивалот „Игор Маџиров“ се:
Гранд при награда за најдобра претстава во целина Награда за најдобра режија, Награда за најдобра машка улога, Награда за најдобра женска улога, Награда за најдобра сценографија, Награда за најдобра костимографија, Сепцијална награда.
Покрај главната натпреварувачка програма, фестивалот ќе има и придружна програма во која ќе се одржат работилници, семинари, дебати посветени на куклениот, детскиот и младинскиот театар.
Во тек е отворен конкурс за доставување пријави за учество, на нашиот портал www.puppet.com.mk. Право на учество имаат домашни и странски професионални ансамбли кои творат во областа на детскиот театар. Апликацијата и сите неопходни информации за првото фестивалско издание може да се најдат на македонски и англиски јазик. За главната натпреварувачка програма ќе одлучува Селекторот, во соработка со Уметничкиот совет на фестивалот.
Иницијативата за основање на овој фестивал е мотивирана од желбата на колективот на Театарот за деца и младинци, а истата е продолжение и на т.н. Балкански кулкен фестивал, што во раните 90ти години беше организиран од нашиот театар во соработка со сите други регионални театри. Среќни сме што сите овие аспекти беа препознаени и од Министерството за култура, кое оваа година го поддржа овој проект во програмата за проекти од Национален интерес во културата.
Веруваме дека фестивалот „Игор Маџиров“, ќе ја збогати културната понуда во нашата земја и во иднина ќе биде престижен фестивал со традиција,, чија цел е промоција и афирмација на детската театарска продукција, како основен естетски и едукативен потенцијал за нашата детска публика“ велат од театарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

