Култура
Ин мемориам Горан Стефановски: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“
Современата македонска драматургија и сè што прoизлегува од неа, јазикот, идентитетот, сензибилитетот точно и хируршки прецизно како непроценливо културно наследство ни ги остави творештвото на Горан Стефановски. Можеби најцитираниот професор и драмски писател на совремието пред чии изведби на драмските текстови замолчуваше публиката на светските театарски сцени. Се чини и за најсложената филозофска размисла и наједноставната човекова тегобност, во текстовите на Стефановски има одговор. Го нарекуваа македонскиот Шекспир, што е несомнено соодветно, уште повеќе што самиот Стефановски својата даровност ја надградувал како студент на Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност.
Подоцна драматургија изучува на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напаствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.
Стефановски работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година е професор по драматургија на Факултетот на драмска уметност во Скопје.
Живееше и работеше и во Скопје и во Лондон. За своите бројни драмски текстови, Стефановски е повеќекратен добитник на наградата „Војдан Чернодрински“, потоа „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“.
Драмите на Горан Стефановски имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ни ја предава историјата на македонскиот народ, со сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разидувања, стремежот за подобро утре. Пишуваше за луѓе-нелуѓе, предавници, кои се дел од историјата на овој народ. Тоа се оние ликови кои во потрага по поудобен живот ги поддржуваат, ги помагаат и им отвораат пат на сите непријателски дејности. Таквите се заслепени од сјајот на „розовите приеми на буржоазијата“ каде што всушност и не припаѓаат. Тие се подготвени да ги предадат и своите најблиски, пријатели и роднини, а во знак на послушност би го убиле и својот роден брат. На овие ликови Стефановски им припишува реченици како: „Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив“ (Киро, „Лет во место“).
Можеби најчесто цитирана реченица ќе остане онаа од Цибра („Тетовирани души“), кој сонува за кариера на народен трибун, а пораснат е на улица според законот на посилниот. Тој вели: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“
Стефановски почина вчеравечер во близина на Лондон на 66 годишна возраст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.
Култура
Комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ на 13 декември на сцената на Националната опера и балет
На 13 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – опера која со својата духовитост, динамика и незаборавни арии со децении ја плени домашната и светската публика.
Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Урсула Хорнер (Австрија), сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа ќе настапат: Роберто де Кандиа (Италија), Николина Јаневска, Чанг Ванг (Кина), Владимир Саздовски, Јанoш Носек (Полска), Злата Тошевска Димовска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, чембало: Анастасија Грговска заедно со хорот и оркестарот на МОБ.

„Севилскиот бербер“ е едно од најпрепознатливите дела на Росини – автор кој со својата музичка виртуозност и карактеристични брзи, ритмични фрази создава неповторлива енергија на сцената. Блеска со брзи дијалози, духовитост и незаборавни музички моменти, меѓу кои се истакнува славната арија „Largo al factotum“, со која Фигаро повеќе од два века го освојува светот. Делото ја раскажува љубовната приказна полна со неочекувани пресврти, тајни планови и духовити недоразбирања, претставени во препознатливиот Росиниев стил – брз, жив и раскошен.

