Култура
Истакнатиот хрватски поет Валерио Орлиќ на голема турнеја по Македонија, Албанија и Хрватска
Валерио Орлиќ, истакнат хрватски поет, основач, сега почесен претседател на Хрватското книжевно здружение, утре, 23 мај, со почеток во 12 часот, со промоција на неговата најнова збирка поезија “Љубов распослана по морето”, ја започнува големата турнеја по Македонија, Албанија и Хрватска.
Настанот ќе се одржи во Музејот на македонската борба, во објектот “Порта Македонија”, при што професор д-р Васил Тоциновски ќе го претстави поетскиот опус на Орлиќ. Стихови од најновата збирка на хрватски ќе чита авторот, додека на македонски Сашо Огненовски.
Валерио Орлиќ ќе има поетски настапи и во Охрид и Битола во Македонија, како и во Пустец, мегу Македонците, во Албанија.
Тој е специјален гостин на чествувањето на 24 мај, Денот на сесловенските просветители, меѓу етничките Македонци во Албанија, кое содржи низа промоции на книги и поетски читања од страна на автори од Македонија и Албанија.
За таа прилика, од Тирана во Пустец, најавија патување и учество хрватскиот амбасадор во Албанија, Златко Крамариќ, заедно со амбасадорот на Северна Македонија, Данчо Марковаски.
Манифестациите, во соорганизација на Македонското друштво “Сонце”, од Албанија и Друштвото за литература и култура “Мацково” од Македонија, ќе се одржуваат во центарот на Мала Преспа и седиштето на општината, населбата Пустец, како и во селото Глобочани, кај паметникот на големиот писател, Македонец, Стерјо Спасе, односно во Спомен – музејот “Стерјо Спасе”.
Промоција ќе доживее и капиталното дело “Хармониска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – Случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник” од д-р Мариа Дојче, истакната албанска интелектуалка.
После големата турнеја по Македонија и Албанија, Орлиќ ќе биде гостин на 21-те по ред “Јадрански книжевни средби” во Црквеница, Хрватска, од 3 јнуи, каде ќе биде претставено неговото книжевно создавање.
Орлиќ е добитник на низа домашни и мегународни признанија за неговиот придонес во книжевноста во Хрватска, Македонија, Италија, Словенија, Србија, Бугарија, Полска, Украина и други земји.
Меѓу другите, и на Мегународната награда „Хомер“ за придонес во европската и светската книжевност – Брисел, 2018.
Кај нас на „Балканската награда за поезија“ на 46-ите “Караманови средби” во Радовиш (2019), како и на „ Струшко слово“ – Струга, 2015 и „Слово“ – Битола, 2016.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

