Култура
„Исцелител“ ќе биде прикажан премиерно во Италија
Македонскиот филм „Исцелител“ е избран во официјалната конкуренција на 36. меѓународен филмски фестивал во Италија, „Бергамо филм митинг“, во која ќе се натпреварува заедно со 6 други филма.
„Исцелител“ ќе биде прикажан на првата натпреварувачка вечер на фестивалот во 20 часот, а во наредните денови ќе има уште едно прикажување. Фестивалот во Бергамо се одржува од 10 до 18 март.
На фестивалот оваа година ќе се прикажат повеќе од 150 долгометражни, документарни и кратки филмови. Во склоп на фестивалот ќе се одржат и работилници, филмски маратони и изложби. Оваа година ќе има ретроспектива и изложба на фотографии посветени на норвешката актерка Лив Улман, која е специјален гостин на фестивалот. По повод педесетгодишнината од Прашката пролет, на фестивалот во фокусот ќе бидат „Бунтовнивниците од 1968“, програма што ќе прикаже 7 филма од новиот бран на чешко-словачката кинематографија.
Во официјалната програма, заедно со „Исцелител“, е добитник на награда на фестивалот во Трибека, „Смрзната мајка“ на Бодан Слама, добитникот на награда на филмскиот фестивал во Атина, „Мобилни домови“ на Владимир де Фонтенау и други.
Главните улоги во филмот „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а другите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски – Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на „Фрагмент филм“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески на Есенските музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност.
Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз.
Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот, придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Изложба на Аница Китаноска „Скаменети потези: еволуција на формата“ во Битола
Вечерва со почеток во 19 и 30 часот ќе биде отворена самостојна изложба на уметницата Аница Китаноска, насловена „Скаменети потези: еволуција на формата“. Изложбата ќе биде отворена во изложбениот простор Магаза – Битола.
Изложбата ќе ја отворат директорката на НУ Завод и музеј – Битола, Маргарита Спасов, која ќе даде воведен збор, кустосот советник во истата установа, Наде Геневска-Брачиќ, и уметницата Љубица Мешкова Солак, членка на ДЛУМ која живее и работи во Битола.
Изложбата ја заокружува трилогијата посветена на односот меѓу мозаикот и сликарството. Таа ја истражува трансформацијата на уметничкиот гест во трајна форма, каде што традицијата се преобликува во современ израз.
Битола, со своето богато мозаично наследство, станува простор на континуитет и преобразба, точка каде што минатото и сегашноста се спојуваат во нова визуелна целина.
Изложбата се одржува во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), НУ Завод и музеј Битола, Музеј на Град Скопје и со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Изложбата ќе биде отворена од 27 октомври до 12 ноември 2025 година.
Култура
Изложба „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“ во КСП „Центар – Јадро“
Вечерва, во 20:00 часот, во КСП Центар – Јадро ќе се oтвори изложбата „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“, дел од континуираната читачка група што веќе пет години функционира во рамките на програмата за критичка теорија и современа уметност.
Оваа година форматот е проширен – покрај теоретските средби, проектот вклучува и уметничко истражување кое ја поврзува теоријата со уметничката практика, отворајќи простор за нови форми на критичко изразување и дијалог со јавноста.
Темата за ова година „Јавен простор – Место за конфликт“ се фокусира на политичките, социјалните и економските сили што го обликуваат јавниот простор, како и на начините на кои пристапот, сопственоста и контролата влијаат врз неговата демократска природа.
Изложбата „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“ е создадена од уметниците Ивана Мирчевска, Елена Чемерска и Амир Карахасан, во рамки на процес инициран од Ѓорѓи Пулевски и модериран од Ивана Драгшиќ.
Таа истражува како телата, гестовите и блискоста стануваат облик на отпор и колективно преосмислување на јавниот простор – терен каде се судираат различни желби и логики на присуство. Во време кога просторот на градот се сведува на транзитна зона, изложбата предлага перформативен и поетски гест на враќање на чувството на заедништво, припадност и заедничко битисување

