Култура
Камерниот ансамбл „Консонанс“ настапи на Охридско лето
Камерниот ансамбл „Консонанс“ со концертот „Мозаик“ вчеравечер се претстави пред публиката на фестивалот „Охридско лето“.
Извонредните уметници, флејтистката Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ која свири на англиски рог, кларинетистот Здравко Ангелов, Сашо Темелковски на бас-кларинет и Дарко Илиевски на хармоника кои се и професионални музичари во Македонската филхармонија, ја збогатија фестивалската програма на класична музика со дела напишани од македонски композитори.
Концертната вечер започна со „Минијатури“ од Благој Цанев, припадник на четвртата генерација македонски композитори.

-Ова е посебно дело што сакам да го потенцирам бидејќи токму на вчерашниот концерт доживеа премиерна изведба во оваа верзија и за овој ансамбл. Композицијата „Минијатури“ е дело од македонскиот композитор Благој Цанев којшто почина пред пет години и оваа година, ние, на овој начин, јубилејно ја одбележуваме петгодишнината од неговата смрт изведувајќи го ова дело во овој состав. Инаку, аранжманот за овој состав го направи неговиот внук, Филип Иванов, којшто е исто така композитор, вели Маја Чанаќевиќ.
Второто дело што го изведоа уметниците од Консонанс ансамбл „Мозаик“ е посветено и напишано токму за овој состав од Филип Иванов, кој припаѓа на најмладата генерација македонски композитори. На концертниот репертоар беа уште неколку композиции од композиторот Дарко Илиевски кого публиката во црквата „Света Софија“имаше можност да го види со својата хармоника како дел од овој ансамбл.
-Дарко Илиевски свири хармоника, но е и композитор кој пишува прекрасна музика што се базира на македонскиот фолклор. Тоа не се аранжмани на македонски фолклор, туку комплетно нови композиции кои само се инспирирани од македонскиот фолклор, појаснува Чанаќевиќ.
Според неа, „Охридско лето“ преку застапеноста на македонските музичари и композитори на фестивалската програма покажува дека негува посебен однос и почит кон македонското музичко творештво.

-Фестивалот „Охридско лето“ за нас музичарите во Македонија претставува врвот на нашата кариера. Настапот на „Охридско лето“ и со Македонската филхармонија се врвот којшто може да го достигнеме во нашата држава и сме навистина пресреќни поради тоа што директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски и селекторката Симона Ѓорчева годинава ни ја дадоа можноста и нè поканија да учествуваме на 65-издание на „Охридско лето“. Со тоа, тие покажуваат посебен однос и почит кон македонското музичко творештво, значи, не само кон македонските музичари, туку и кон македонското музичко творештво бидејќи на нашиот концерт беа изведени дела исклучиво од македонски композитори, додава Чанаќевиќ.
„Консонанс“, основан во 2007 година, е истакнат ансамбл кој на своите почетоци беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денес во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој состав. Музичарите од ансамблот, кои имаат долгогодишно искуство, подеднакво се посветени на оркестарската, соло и камерната музика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

