Култура
Камерниот оркестар на Битола го одржа второто издание на „Балкан гала“
На 6 и 7 јули, како што беше најавено, Камерниот оркестар на Битола го одржа второто издание на „Балкан гала“.
Спектаклот траеше два дена, а настапите на домашните, регионалните и на интернационалните артисти докажаа дека сме направиле одличен избор на гостите за годинешното издание, информира организаторот.
На отворањето на фестивалот со „Рок-симфонијата“ посетителите на ракометното игралиште имаа можност да уживаат во настапите на одличните Жарко Јакимоски, Петар Младеновски („Суперхикс“), Ружица од „Ареа“, Гиле од „Електрични оргазам“ и Михајло Трајковски-Сак, кој уште еднаш докажа дека со право е миленик на македонската публика. Последниот гостин на сцената, кој имаше чест да го затвори концертот „Рок-симфонија“ беше Ристо Вртев, со чиј настап вечерта ја достигна својата кулминација, а на преполното ракометно игралиште во еден глас се пееја неговите песни.
Нема поубаво чувство кога работите на ваков фестивал и гледате дека сте организирале концерт што никого не оставил рамнодушен, изјавија организаторите на фестивалот, диригентот Владимир Димовски и виолинистот Владимир Цветковски.
По кратката пауза по „Рок-симфонијата“, свој сет имаше светскиот диџеј Дарен Емерсон.
Следниот ден беше резервиран за „Поп-симфонијата“.
Вечерта ја отвори Виктор Апостоловски по кого следуваа настапите на Викторија Лоба, Александра Јанева, Ламбе Алабаковски и Ристо Самарџиев. По настапите на нашите пејачи, сцената ѝ припадна на Гоца Тржан.
Како организатори на второто издание на „Балкан гала“, најголемата награда, освен овациите и аплаузот на публиката, кои еднакво ги поддржа сите артисти што се појавија на сцената, беше благодарноста на пејачите кон Камерниот оркестар на Битола, што ни потврди дека сме го направиле вистинскиот избор на артисти, што ни задава голем предизвик и сериозна задача за наредното издание на „Балкан гала“, кој како фестивал продолжува да се развива и да ги поместува границите на музичките настани, изјавија Владимир Димовски и Владимир Цветковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
На премиерата присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која оцени дека филмот е моќна приказна за семејството, односот меѓу човекот и природата и борбата за достоинствен живот, додавајќи дека делото добива особена тежина пред домашната публика.
„Честитки за Тамара Котевска и целата филмска екипа за достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности. Добивме вредно филмско остварување, коешто верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси!“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека филмот уште еднаш потврдува оти македонската кинематографија има глас што одекнува надвор од државните граници, опишувајќи го остварувањето како „светско, а наше“.
„Вечерва имав чест да присуствувам на филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“, порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека филмот претставува тивко, но длабоко емотивно филмско патување и потсети дека својата светска фестивалска авантура ја започнал во Венеција, каде освоил престижна награда, по што бил прикажуван на фестивали ширум светот и откупен од „Нешнал географик“.
„Приказната за Силјан“ е филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во фокусот е земјоделецот Никола, кој пронаоѓа ранет бел штрк и решава да му помогне, а нивниот однос прераснува во врска што му ја враќа смислата на животот, ги обновува заедничките врски и го оживува односот кон природата.
Филмот беше македонски кандидат во трката за Оскарите.

