концерти
Камерниот оркестар на Македонската филхармонија настапи во Казахстан
Камерниот оркестар на Македонската филхармонија одржа два концерта во Алмати и Астана, Казахстан, по повод Денот на независноста – 8 Септември. Концертите беа одржани пред преполни сали и поздравени со овации од страна на тамошната публика.
Под водство на маестро Борјан Цанев и со солистката Ана Кондратенко на виолина, Камерниот оркестар изнуди бурни аплаузи за изведбата на делата од Моцарт, Вивалди, Григ и Пјацола, а со овации беше проследена изведбата на делото „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски.
Амбасадорот Илија Псалтиров и директорот на Државниот филхармониски оркестар во Алмати ги истакнаа заложбите за понатамошно интензивирање на културните врски меѓу двете земји.
Концертот во Астана, пак, беше по повод одбележување 27 години на независноста на Македонија и Казахстан, како и 20 години „Астана главен град“, а одржан пред високи претставници и дипломати. Пристуните и оркестарот ги поздрави заменик-министерот за надворешни работи на Казахстан.
Со овие настани беше промовиран почесниот конзул на Република Македонија во Алмати, Султан Мукшаев, кој исто така даде голема поддршка за турнејата на Македонската филхармонија во Казахстан.
„Имав средба со директорот на Филхармонијата во Алмати, Далел Зеинешевич Ушаев, со кој се договоривме за заемна соработка и во иднина“, вели директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.
„Во наредниот период, во 2019 година, во салата на Македонската филхармонија ќе гостува нивен ансамбл. Почестени бевме што пред концертот добивме пригодни подароци од Филхармонијата во Алмати. Всушност, и двете филхармонии, и во Алмати и во Астана, ни дадоа голема поддршка за нашето гостување и во однос на инструментите и во однос на превозот, односно за целата организација, и се покажаа како извонредни домаќини. Како уметник со искуство кој имал многубројни настапи надвор од државата, овој пат посебно сакам да истакнам дека амбасадорот Илија Псалтиров е исклучително редок пример за професионален третман на уметниците“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

